Владата го усвои Предлог-законот за прогласување на Кањон Матка за споменик на природата

На вчерашната седница, Владата, на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, го усвои текстот на Предлогот на закон за прогласување на Кањон Матка за споменик на природата.

Посочено беше дека богатството со природни и културни вредности го вбројуваат Кањонот Матка во еден од најрепрезентативните објекти на природата во Република Северна Македонија и се карактеризира со исклучително природно наследство, особено со значајни живеалишта и видови од национално и европско значење.

Матка чека репрогласување од 2004 година, кога е донесен законот за заштита на природата

Целта на Предлогот-законот,  е заштита на геолошките, геоморфолошките, хидролошките, флористичките и фаунистичките карактеристики, коишто се од осoбeно значење за заштита на природата.

Поединечни растителни и животински видови регистрирани во оваа заштитена област имаат посебно значење, со оглед на фактот дека тие се опфатени со меѓународните инструменти за заштита на природата, односно видовите се вклучени на прилозите на меѓународните конвенции, договори, директиви на ЕУ за заштита на природата и IUCN Црвената листа на загрозени видови.

Според IUCN, Матка е III категорија, односно „заштитено подрачје управувано главно за конзервација и специфични природни карактеристики“.