[Видео] Прв трејлер за филмот за Edward Snowden

Во првиот трејлер за претстојниот филм на режисерот Oliver Stone, во кој се зборува за животот на Edward Snowden, ги остава гледачите обвиени во мистерија. Главниот лик воопшто не се појавува во трејлерот, во кој Snowden се нарекува „најбараниот човек во светот“.

Филмот ќе се вика едноставно „Snowden“, а во него во главната улога настапува Joseph Gordon-Levitt. Остварувањето на режисерот Stone, кој изгледа дека е „претплатен“ да ги режира филмовите кои се занимаваат со контроверзните страни на американската историја („JFK“, „Platoon“, „Born on the Fourth of July“), ќе ја следи животната патека на Snowden, од армиски регрут, преку вработен во ЦИА, до човек кој откри како американската Национална безбедносна агенција прислушувала милиони луѓе насекаде низ светот. Засега не се знае дури и тоа дали Snowden ќе биде претставен позитивно или негативно во овој филм, чија премиера е закажана за Божиќ (25 декември) годинава.

Иако Snowden се појави во јавноста со своите откритија пред две години, неговиот случај и денеска ја потреасува Америка. Сенатот на САД пред неколку дена укина член од Патриотскиот закон (Patriot Act), кој бил користен од НСА за да се оправда масовното следење на комуникациите на граѓаните. Ова се смета за прв чекор во барањето одговорност од Владата за овој скандал.