[Видео] Опозиционерот Алексеј Навални уапсен веднаш по пристигнувањето во Москва

Руската полиција вчера го приведе опозицискиот политичар Алексеј Навални на московскиот аеродром „Шереметјево“, веднаш откако тој слета со авион од Германија.

Авионот во кој се наоѓаше требаше да слета на аеродромот „Внуково“, каде беа собрани и негови приврзаници, но властите го затворија аеродромот само неколку минути пред очекуваното пристигнување.

На неговиот адвокат кој исто така патуваше со него, не му беше дозволено да го придружува по апсењето.

Околу аеродромот „Внуково“ претходно беа поставени метални бариери, а руските медиуми јавуваат дека таму биле уапсени неколку активисти, вклучувајќи ја и клучната соработникчка на Навалани, Љубов Собол.

Пред терминалот 5 пак, на аеродромот Берлин Бранденбург во Шенфелд, новинари и приврзаници се собраа пред летот на Навални, кој додека се качуваше во авионот, посочи дека е многу среќен.

Тој во средата најави дека ќе се врати во Русија, и покрај заканите од властите дека повторно ќе го затворат. Опозиционерот се враќа во Москва откако помина неколку месеци во Германија, каде се лекуваше, откако беше отруен со нервниот гас „Новичок“, за што ги обвинува руските власти.

Водечкиот критичар на претседателот Владимир Путин на 20 август на летот од сибирскиот град Томск кон Москва колабираше. Авионот тогаш итно слета во градот Омск, а Навални беше пренесен во болница, каде помина два дена пред да биде испратен на лекување во Берлин.

Портпаролот на германската влада Штефан Зајберт на 2 септември изјави дека Навални е отруен со хемиски агенс од групата „Новичок“, а две независни лаборатории во Шведска и Француска ги потврдија наводите дека опозиционерот е отруен. Русија пак, упорно ги негира обвинувањата за труење.

Руските затворски служби соопштија дека опозиционерот е приведен поради прекршување на условната казна затвор која ја доби во 2014 година за проневера и перење пари, процес кој Навални го смета за политички мотивиран.

Истовремено, тие посочија дека опозиционерот ќе биде во притвор се до наредната одлука на судот.