Опозиционерот Навални се враќа во Русија по труењето, властите најавуваат негово апсење

Водечкиот критичар на политиките на руската власт, Алексеј Навални, планира денеска да се врати во Русија откако подолг период беше на лечење во Германија по труење со нервен отров.

Навални во средата соопшти дека планира со авионски лет да се врати во родната земја и покрај најавите на руските власти дека ќе биде уапсен и затворен поради прекршување на условната казна.

Навални, кој за неговото труење го обвини Кремлин, вели дека рускиот претседател, Владимир Путин сега се обидува да го одврати од враќање во земјата на секој можен начин.

Руските власти постојано отфрлаат било каква вмешаност во неговото труење.

Од руските затворски служби соопштија дека Навални ќе биде ставен во затвор поради прекршување на условната казна која ја доби во 2014 за проневера и перење пари, процес кој опозицискиот лидер го смета за политички мотивиран.

Европскиот суд за човекови права веќе пресуди дека неговата осуда во Русија била нелегална.

Московскиот аеродром „Внуково“, каде Навални треба да слета, најави минатата недела дека забранува присуство на новинари на нивниот терминал поради епидемиолошката состојба. Сепак, многу од симпатизерите на опозиционерот се очекува дека ќе се соберат на аеродромот да го поздрават ваќањето на Навални доколку тој успее да ја помине пасошката контрола без да биде уапсен.

На 20-ти август Навални падна во кома на летот од Сибир за Москва. Тој по два дена беше пренесен во болница во Берлин. Лабораториски тестирања во Германија, Франција и Шведска утврдија дека опозицискиот лидер бил отруен со нервниот гас Новичок.