Венеција ги забранува туристичките групи поголеми од 25 луѓе

Венеција ќе ги забрани звучниците и туристичките групи поголеми од 25 луѓе, во обид да го намали влијанието на масовниот туризам врз градот, јавува Би-Би-Си.

Новите правила ќе стапат на сила од јуни, се вели во соопштението на градските власти.

Масовниот туризам е признаен како вонреден проблем на градот, кој е еден од најпосетуваните во Европа.

Во септември, Венеција одобри и пробна туристичка такса од 5 евра дневно за туристите.

Според функционерката одговорна за безбедноста на градот Елизабета Пешче, најновите политики се „насочени кон подобрување на управувањето со групи организирани во историскиот центар на градот“.

Градот во 2019 година го посетија 13 милиони туристи, според италијанскиот национален институт за статистика. Бројот на посетители се очекува да ги надмине нивоата пред пандемијата во наредните години.

Претходно од УНЕСКО посочија дека градот треба да се додаде на листата на загрозени места на светско наследство, бидејќи влијанието на климатските промени и масовниот туризам се закануваат да предизвикаат неповратни промени за градот.