Вело матине во МКЦ со велосипедистите-фотографи Александар Колов и Горан Димов

Третото вело матин во организација на #НаТочак ќе биде посветено на фотографијата. Настанот ќе започне денес во 13 часот во МКЦ.

Идејата зад настанот, како што појаснуваат организаторите, е да се покаже дека луѓето што возат точаци се урбани, културни луѓе, некои од нив од најразлични бранши од културата, со што би се влијаело на промена на јавната свест во насока на конечна детронизација на автомобилот како статусен симбол и приоритетно средство за превоз во нашиов загаден град.

Во рамки на настанот ќе биде поставена и изложбата „Зимо #НаТочак“, селекција на авторски фотографии направени минатото зимо од страна на Даниел Анастасов од урбани локации низ Скопје и секојдневно објавувани на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер.

Идејата зад концептот „Зимо #НаТочак“ е да се покаже дека дури и во екстремни услови, урбаното и секојдневно користење на велосипед е сепак возможно.

Гости на настанот се велосипедистите-фотографи Александар Колов и Горан Димов од кои присутните ќе може да слушнат за нивната љубов кон велосипедите и исто по некој збор за нивната љубов кон фотографијата.