Велика Британија забрани реклами за пластични операции кои таргетираат тинејџери

Велика Британија ги забрани рекламите за козметичка или пластична хирургија која таргетира лица под 18 години.

Новите правила важат за сите медиуми и се однесуваат на процедури чија намена е промена на физичкиот изглед на една личност, меѓу кои и зголемување или намалување на градите, затегнување на стомак, операција на очните капаци, промена на изгледот на носот и затегнување на лицето.

Со забраната се опфатени и процедурите за избелување на забите, подмладување на кожата и третмани со инекции, хемиски пилинзи или пополнување на кожата.

Овие новини, според Комитетот за рекламни практики, имаат цел да се справат со проблемите во врска со изгледот на телото кај младите луѓе.

„Перцепциите за изгледот на телото кај децата и младите и нивната подложност на притисоците да го променат нивниот изглед, меѓу кои и козметички интервенции како решенија за овие нивни грижи, се поттикнати од бројни општествени и културни фактори. Но, доказите покажуваат дека изложеноста на различни медиумски содржини, меѓу кои реклами, особено оние со фокус на „подобрување“ на изгледот на телото, ја зголемува можноста за незадоволство од изгледот на телото и негативности поврзани со тоа во овие ранливи фази во нивните животи“, велат од Комитетот.

Забраната значи дека овие реклами нема да можат да се прикажуваат на телевизиски или радио програми чија целна група се лица под 18 години. Во другите типови медиуми овие реклами имаат забрана за содржини кои се означени како „под 18 години“, или пак каде оваа возрасна група сочинува повеќе од 25% од публиката на медиумот.

Промената доаѓа по период на консултации во врска со загриженоста околу потенцијалната штета која врз младите го предизвикува притисокот за физичкиот изглед на телото и последиците по нивното менталното здравје, како и ризиците и компликациите од ваквиот вид козметички процедури.