Киднапирана тинејџерка спасена откако побарала помош со гест што го научила на ТикТок

Полицијата во Северна Каролина спасила исчезната тинејџерка откако со раката сигнализирала повик за помош, кој е популарен на социјалната мрежа ТикТок, а кој означува насилство во домот, пренесува „Индекс“.

16-годишната девојка од Ешвил исчезнала во вторникот. Мотоциклист од Кентаки се јавил на 911 во четвртокот откако ја видел девојката во возилото.

„Пријавата стигна од лице кое се наоѓало позади возилото. На совозачкото седиште беше забележано женско лице кое повикува на помош со гест познат на социјалната мрежа ТикТок, кој претставува ‘насилство во домот – ми треба помош – семејно насилство’“, објави полицијата во петокот.

Повикот за помош од ТикТок се упатува со едната рака, односно со дланката свртена кон надвор, а потоа палецот на раката се витка навнатре, а потоа се затвора со прстите.

Полицијата за „Си-Ен-Ен“ изјави дека тинејџерката ова го научила на ТикТок. Лицето кое се јавило на 911 останало зад возилото околу 11 километри, пренесувајќи информации до полицијата.

Потоа, полицијата успеала да го запре автомобилот и да ја спаси тинејџерката.