Вечерва на МОТ три македонски продукции во трка за наградата „БИШ“

Во рамки на 48-то издание на Млад отворен театар (МОТ), вечерва ќе бидат одиграни три македонски продукции од младински, независни театарски трупи.

Денешната театарска програма ќе започне со претставата „Бакхи: Агава“, која ќе се одигра на малата сцена на МНТ со почеток во 19 часот, а програмата ќе продолжи со изведба на претставата „Спасени“, која ќе започне од 20 и 30 часот во салата 25 Мај во МКЦ.  Фестивалската театарска вечер ќе биде заокружена со изведбата на претставата „Кенди“ која ќе започне во 22 часот, истотака во салата 25 Мај.

Трите претстави се во селекција за театарската награда „БИШ“, која во рамки на МОТ се доделува на најдобрата македонска театарска продукција.

Во режија на Нина Николиќ, „Бакхи: Агава“ е претстава што ги поставува прашањата за издржливоста, страдањето, но и моќта на една жена.

„Која е цената на нејзиното целосно ослободување? Агава е жртвата и средството за одмазда на Зевсовиот и Семелиниот син, која како лик отсуствува до самиот крај. Додека се одвива главниот конфликт на линијата
меѓу Пентеј — Дионис, Агава прозборува само во последниот чин, по чедоморството. Но, злочинот го прави во состојба на занес и транс, таа сопствените постапки не е во состојба рационално да ги процесира/обработи и да ги вербализира. Токму затоа, во процесот на развивање на овој текст, во кој гласот и централниот простор ѝ се дава на Агава, се обидовме да го дефинираме коренот на нејзините проблеми и незадоволството“, се вели во описот за драмата.

Во режија на Дамјан Костовски, „Спасени“ зборува за осаменоста на луѓето во ова сурово и цинично време.

„Специфичната фрагментарна драматургија на текстот, едноставниот јазик и суптилната духовитост се фундаментот на оваа претстава, а преку брзиот ритам и динамичното темпо како сложувалка се открива приказната на десетте ликови, кои по некоја „случајност“ се наоѓаат заедно на ова патување. Несреќата со возот го менува светогледот на преживеаните патници и нивниот однос кон животот се редефинира и добива една сосема нова смисла“, велат од продујцијата.

Третата и последна претстава во рамки на вечерашната програма на МОТ е „Кенди“, во режија на Тамара Стојаноста, а претставува  дуодрама што зборува за зависноста кај младите со фокус на опијатната
зависност.

„Претставата е анатомија на една љубов, шетање низ спомените на еден пар чија љубовна врска постепено се изобличува, станува механичко трагање по еуфорија, бегство од притисокот на секојдневниот живот и траумите.  Општествената стигматизација и институционалната дискриминација водат кон ширење омраза и насилство, недостатоци во здравствениот систем и идни случаи на предозирање и злоупотреба на дроги“, се вели во краткиот опис за претставата.