Ватикан нема да ги благословува истополовите бракови

Ватикан донесе одлука дека Католичката црква не може да ги благословува истополовите бракови бидејќи „Бог не може да го благослови гревот“, пренесува Еуроњуз.

Формалниот одговор, кој дојде во форма на објаснување на две страници, објавен на седум јазици и одобрен од папата Франциск е негативен.

Указот гласи дека црквата може да прими и благослови геј луѓе, но не и нивните сојузи бидејќи секое такво свето признание може да се помеша со брак. Ватикан смета дека хомосексуалните луѓе мора да се третираат достоинствено и со почит, но дека геј сексот е „суштински нарушен“.

Католичкото учење смета дека бракот, доживотна заедница помеѓу маж и жена, е дел од Божјиот план и е наменет за создавање нов живот. Бидејќи геј браковите немаат за цел да бидат дел од тој план, црквата не може да ги благослови, се вели во документот.

Претходно, папата Франциск изрази поддршка на истополовите граѓански партнерства истакнувајќи дека хомосексуалците се „деца на Бог и имаат право на фамилија“. Но, тоа не се однесува за црквата. Тој ваквиот коментар го изнесе во документарец кој своја премиера имаше на Римскиот филмски фестивал.

Но, документарниот филм го згрешил контекстот. Франсиск се осврнал на позицијата што ја зазеде кога бил архиепископ во Буенос Аирес, а пратениците во земјата размислуваа да одобрат хомосексуални бракови, на што тој и Католичката црква се спротивставија.

Тогашниот кардинал Хорхе Марио Берголио наместо тоа, го поддржа обезбедувањето законска заштита за хомосексуалците во стабилни бракови преку ткн. „закон за граѓански соживот“.

Франсиск изјави: „Хомосексуалците имаат право да бидат во семејство. Тие се деца Божји.“

Зборувајќи за семејства со хомосексуални деца, тој рече:„ Не можете да избркате некого од семејство, ниту да му го направите животот мизерен поради ова. Она што треба да го имаме е закон за граѓански сојуз; на тој начин законски се опфатени “.