Вакциналните пунктови ќе работат и за викенд, досега вакцинирани 703 деца

Министерството за здравство информира дека за време на викендот, на 5 и 6 јануари 2019 година, вакциналните пунктови „Јане Сандански“, „Бит пазар“ и „Букурешт“ ќе работат во две смени, во периодот од 07:30 до 19:00 часот.

Во понеделник, на 7 јануари 2019 година, овие пунктови ќе работат само прва смена од 07:30 до 13:00 часот.

По прогласувањето на епидемија на морбили на територијата на Скопје, вкупно 703 деца се вакцинирани.

„Во моментов нема нови потврдени случаи на новозаболени лица од морбили (мали сипаници), но има еден случај за кој се чека лабораторска потврда. Министерството за здравство апелира до граѓаните, кои се сомневаат дека нивните деца имаат симптоми на морбили, може да ги носат во ГОБ „8 Септември“ или на Клиниката на инфективни и фебрилни состојби. Родителите кои со своите деца ќе одат во поликлиниките на вакцинација, имаат право да го проверат производителот и рокот на траење на вакцината, пред да ги вакцинираат“, стои во апелот на министерството.

Оттаму уверуваат дека вакцината е со проверен квалитет, произведена во Белгија.

***

До 15:00 часот вакцинирани се вкупно 939 деца со МРП вакцина.