Утре започнуваат студентските средби „Скомрахи 2017“

Во петок (03.11) на Факултетот за драмски уметности ќе биде отворено 29-тото издание на манифестацијата „Скомрахи“.

Во петдневната програма се вклучени шест академии од Балканот кои ќе се претстават со театарски претстави, филмски проекции, работилници и изложби. Програмата на Скомрахи ќе ја надополни и музичка оф-програма.

Свеченото отворање во петок ќе биде одбележано со „Елка кај Иванови“, испитна претстава на студентите по актерска игра од Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на проф. м-р Зоја Бузалковска и асс. м-р Александар Степанулески.

Скомрахи се интернационални студентски средби, кои за првпат се одржани во 1988 година како потреба на студентите за комуникација и размена на искуства и знаења со други академии и факултети. После распаѓањето на Југославија идејата за средбите прераснува во идеја за собирање на студенти од цела Европа.

Целата програма е достапна на овој линк.