„Усвитени глави“ – изложба на Ѓорѓе Јовановиќ во паркот „Авионче“

Во организација на КЦ 750, во парк „Авионче Аеродром“ вечер во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Усвитени глави“ на уметникот Ѓорѓе Јовановиќ.
„Времињата се тешки, но, како што вели Оскар Вајлд, ‘Сите сме во кал, но некои од нас гледаат во ѕвездите’. Тоа е мотото што често си го повторуваат членовите на  друштвото ‘Усвитени глави’. Тие во моментов коваат таен план… За што всушност се работи?  Дојдете во паркот Авионче во Аеродром за да дознаете повеќе!“, стои во најавата за изложбата.
Ѓорѓе Јовановиќ дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се  прашањата за интеграцијата  и дезинтеграцијата на современиот човек. Во неговите дела  тој ги преиспитува меѓучовечките односи во контекст на општата состојба на редефинирање на универзалните вредности, односот човек-општество и конзумеризмот како клучен фактор на модерниот начин на живот, политиката како фактор на распаѓање на градовите, државите и семејствата.
КЦ 750 е мал, мобилен културен центар, заеднички проект на Иван Шопов и Владимир Лукаш. Целта на проектот, поддржан од Министерството за култура е развивање и поттикнување нови модели на искористување на јавниот простор, за културни намени. КЦ 750 преку мобилниот концепт ќе се обиде на неконвенционален начин не само да го надополни недостигот на независни културни простори и точки во Скопје, туку и да понуди децентрализирачки концепт на ширење на културата.