„Универзал“ ја откажа премиерата на „A Dog’s Purpose“ поради видео во кое се прикажува насилство врз куче

Вчера на интернет се појави аматерско видео во кое германски овчар е принуден да одглуми сцена во која се бори со силни вештачки брзаци. Сцената е дел од претстојниот филм на продуцентската куќа „Универзал“, „A Dog’s Purpose“. Поради овој скандал, „Универзал“ ја откажа премиерата, која требаше да се прикаже во Лос Анџелес оваа недела.

Организацијата „Луѓе за етички третман на животните – ПЕТА“ повикаа на бојкот на филмот и бара продуцентите на филмот да ветат дека никогаш повеќе нема да користат животни во нивните филмови, воедно да се спасат кучињата од установата за обука на животни „Birds & Animals Unlimited“, за која претходно медиумите пишуваа дека работи спротивно на Законот за благосостојба на животните.

При откажувањето на премиерата, продуцентските куќи во соопштението напишаа: „ Бидејќи видеото кое беше објавено вчера се уште е достапно за прегледување, дистрибутерот „Универзал“ одлучи дека во интерес на филмот е да ја откаже премиерата. „Амблин“ и „Универзал“ не сакаат ништо да го засени овој филм кој го слави односот помеѓу луѓето и животните“.

„По појавата на снимката, Амблин консултираше многумина поврзани со производството на филмот, вклучувајќи ги и безбедносните работници и тренерите, како дел од својата темелна истрага. Иако сите ние сме вознемирени од појавата на животно во неволја, сите не убедуваат дека Херкулес, германскиот овчар, не бил повреден во текот на снимањето“.

Филмот ќе се дистрибуира на 27 јануари.