Уништувањето на шумите во Амазонија паднало за 50 отсто во 2023

Стапката на расчистување на шумите во бразилска Амазонија паднала за речиси 50 отсто во 2023 во споредба со претходната година, покажуваат податоците на вселенската агенција Инпа.

Бразилското министерство за животна средина соопшти дека тоа е најниската забележана стапка на расчистување на шумите во последните пет години. Иако помало од претходните години, расчистеното подрачје сепак е повеќе од шест пати поголемо од Њујорк, пишува Би-би-си.

Претседателот Луис Инасио Лула да Силва вети дека ќе го прекине расчистувањето на шумите до 2030 кога ја презема власта пред една година.

Прелиминарните податоци на националната вселенска агенција Инпа покажале дека во 2023 расчистени се 5.153 квадратни километри на Амазонија, што е пад во однос на 10.278 квадратни километри во 2022 година.

Претседателот Лула вети дека ќе ја обнови амазонската прашума и ќе ги протера климатските криминалци за време на својот говор на климатскиот сами КОП27 во 2022. Уништувањето на прашумите порасна до највисоко ниво во 12 години за време на мандатот на претходниот бразилски претседател Жаир Болсонаро.

Во порака на социјалната мрежа Икс бразилското министерство за животна средина кажа дека ова е првиот чекор во постигнувањето нулта дефорестација. Исто така е наведено дека владата останува посветена на борбата против нелегалната пракса во Амазонија.

Амазонија е клучно бојно поле во глобалната битка против климатските промени. Често е нарекувана „белите дробови на планетата“ поради клучната улога во циклусите на кислородот и јаглерод диоксид на планетата.

Прашумата е дом за околу три милиони видови билки и животни и еден милион домородно население.