Климатски активисти бараат истрага за Болсонеро поради уништување на Амазонија

Климатски активисти побараа Меѓународниот кривичен суд да отвори истрага против претседателот на Бразил Жаир Болсонаро поради неговата политика кон Амазонија.

Активистите своето барање го правдаат со можни злосторства против човештвото кои се резултат на политиката на администрацијата на Болсонаро кон Амазонската прашума.

Движењето Олрајз испрати повик до глобалниот суд во кој се наведува дека администрацијата на Болсонаро е одговорна за „сеопшт напад врз Амазонија, нејзината популација и нејзините бранители“, што ја погаѓа глобалната популација.

Климатскиот самит во Глазгов, кој ќе трае 12 дена, треба да обезбеди поамбициозни обврски во рамките на настојувањата глобалното загревање да се ограничи на значително помалку од 2 Целзиусови степени во споредба со прединдустриската ера.

Настанот е фокусиран и на мобилизација на средства за финансирање на борбата против климатските промени и заштитата на загрозените заедници и природни живеалишта.

Од преземањето на претседателската функција Болсонаро го поттикнува развојот во Амазонија и во повеќе наврати ги отфрли глобалните критики поврзани со уништувањето на Амазонската прашума.

Неговата администрација поддржа и законодавни мерки за олеснување на правилата во областа на заштитата на земјиштето.

„Злосторствата против природата се злосторства против човештвото. Жаир Болсонаро поттикнува масовно уништување на Амазонија со широко отворени очи и е целосно запознаен со последиците“, наведува основачот на движењето Олрајз Јоханес Весеман во повикот.