Во Амазонија најмногу јунски пожари од 2007 година – се стравува дека ќе бидат уште полоши

Бразил забележа најмногу пожари во дождовната шума Амазонија во јуни во последните 14 години, покажуваат владините податоци и се стравува дека екстремната суша во многу делови на регионот може да предизвика уште повеќе пожари во наредните месеци, пренесува „Н1“.

Националната агенција за вселенско истражување „Инпе“ забележа 2.308 жаришта во Амазонија во јуни, што е за 2.7% повеќе од истиот месец минатата година кога пожарите го достигнаа највисокото ниво во последните 13 години.

Бројот на пожари во јуни е само мал дел од она што може да се види на врвот на сезоната на сушата во август и септември, па климатските активисти стравуваат дека ситуацијата ќе биде уште полоша.

Воглавно, пожарите во Амазонија се предизвикани од луѓе, а природните пожари се многу ретки. Истовремено пак, таму бесправно се сечат дрвја и се прават пожари со цел да се исчисти просторот за добиток.