Шумските пожари најверојатно ќе се зголемат за третина до 2050 година, предупредува ОН

Големите шумски пожари кои ги опустошија Калифорнија, Австралија и Сибир ќе бидат 50% почести до крајот на овој век, покажува нов извештај кој предупредува дека неконтролираните пожари се појавуваат во места кои претходно немале такви појави.

Се` поголемата климатска криза и промената во начинот на кој се користи земјата се причина за зголемувањето на екстремните шумски пожари. До 2030 година се проценува дека овие непогоди ќе се зголемат за 14%, додека до 2050 година тие ќе пораснат за 30%, покажува документот на Обединетите Нации (ОН) во кој се вклучени 50 меѓународни истражувачи.

Извештајот посочува дека потребна е радикална промена во начинот на кој се трошат јавните пари за шумските пожари. Анализата тврди дека властите ги вложуваат парите на погрешно место, фокусирајќи се на работата на итните служби, наместо на превенирање на пожарите, што според истражувачите би бил многу поефективен пристап.

„Од Австралија до Канада, од САД до Кина, низ Европа и во Амазон, шумските пожари предизвикуваат ужас за животната средина, дивиот свет, човечкото здравје и инфраструктурата“, пишува во извештајот, во кој се додава дека иако ситуацијата е екстремна, сепак не е безнадежна.

Иако некои од овие пожари се неопходни за правилно функционирање на некои екосистеми, извештајот посебно се осврнува на шумските пожари кои ги дефинираат како необично горење на вегетација која претставува ризик за општеството, економијата и екологијата. Научниците овој месец открија дека глобалното загревање може да предизвика мега-пожари отпорни на практиките за нивно контролирање во јужна Калифорнија. Во САД минатата година изгореа 3 милиони хектари во шумски пожари, додека пламенот станувал се` потежок за гаснење.

„Ова е навистина важен заклучок, кој се надевам дека ќе пренасочи пари и ресурси во права насока, како и менување политики. Не можеме да ветиме дека доколку светот вложи пари во проактивно менаџирање на пожарите нема да има екстремни настани од таков тип, бидејќи овие пожари се предизвикани од глобалните климатски промени. Сепак, сигурно ќе помогне да се минимизира влијанието и загубата од штетите“, објаснува професорката Сели Арчибалд, екологистка од Универзитетот во Јоханесбург, која била вклучена во истражувањето.