УНИЦЕФ повикува на поголемо вложување во наставниците

По повод Светскиот ден на наставниците од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Северна Македонија преку соопштение до јавноста потсетуваат дека наставниците имаат клучна улога во постигнувањето инклузивно и квалитетно образование за сите, и во целта да им помогне на сите ученици да го постигнат својот потенцијал.

Од УНИЦЕФ велат дека и покрај малото подобрување на македонските ученици во последниве години, сепак над половина од сите ученици на петнаесетгодишна возраст се` уште не го достигнуваат основното ниво по читање и математика.

„Имајќи предвид дека, на ниво на училиштето, наставниците се најважниот фактор кој придонесува за достигнувањата на учениците, секоја заложба да се надмине кризата со учењето мора да вклучи значајни инвестиции и поддршка за наставниците“, велат од Фондот за деца при Обединетите Нации.

Прегледот на ОЕЦД за оценка и евалуација на образовниот систем во Северна Македонија, поддржан од УНИЦЕФ, истакнува одреден број препораки за поддршка и поттикнување на добра настава, започнувајќи од зголемување и оптимизирање на расходите за образованието, преку процес со кој финансиските средства и ресурсите, вклучително и човечките ресурси, ќе се распределуваат ефикасно и правично. Од УНИЦЕФ велат дека оптимизацијата на училишната мрежа во основните училишта и изработката на нови формули за финансирање, поддржана од МОН, Светската банка и УНИЦЕФ ќе овозможи сите наставници да добијат поддршка за да обезбедат квалитетна и инклузивна настава за секое дете.

„Исто така, неопходно е и понатаму да се инвестира во квалитетна и релевантна настава на наставничките факултети, како и можности за професионален развој на наставниците, според нивните актуелни потреби. Училиштата треба да се насочат кон промовирање култура на инклузивност, учење и давање повратни информации, со поизразена улога на професионалните заедници за учење. Покрај тоа, кариерниот развој на наставниците мора и понатаму да се заснова на стручната компетентност“, се наведува во соопштението до јавноста.

Од УНИЦЕФ истовремено велат дека на наставниците треба да им се обезбеди пристап до квалитетни наставни програми, материјали за учење, иновативни и инклузивни програми и педагошки пристапи, но, подеднакво важни се и инфраструктурата и ресурсите, вклучително и дигиталните ресурси. Оттаму посочуваат дека програмите, како што е програмата за искуствено учење на УНИЦЕФ, покажуваат дека наставниците во земјата применуваат иновативни педагошки пристапи што поттикнуваат научна љубопитност кај учениците преку едноставни, но илустративни експерименти, практични активности и учење преку игра.

„Пандемијата укажа на потребата од градење поголема отпорност на нашиот образовен систем за да можеме брзо и ефективно да одговориме на нови кризи, имајќи ги предвид потребите на децата од ранливите категории, како што се децата со попреченост, децата Роми, и децата кои живеат во мултидимензионална сиромаштија. Наставниците треба да располагаат со дигитални и педагошки вештини за да се користи комбинирана или хибридна настава, а дигиталните технологии и алатки да се користат за инклузивна настава, и со физичко присуство и на далечина“, наведуваат од организацијата.

Оттаму додаваат дека уште еден аспект на отпорен образовен систем е давањето поддршка за менталното здравје и психо-социјалната добросостојба, коишто се од најголема важност за академските, социјалните и економските исходи низ целиот живот.

„Во образовниот систем треба да има воспоставено политики, стратегии и услуги за поддршка на добросостојбата и на учениците и на наставниците. За таа цел, УНИЦЕФ го поддржува воведувањето на програма за обука за поддршка на менталното здравје и психосоцијална поддршка, за да се зајакне добросостојбата и менталното здравје, како на децата и младите во образовниот систем, така и на наставниците и училишниот кадар“, велат од УНИЦЕФ.

„Оваа година, кога Северна Македонија одбележува 30-годишнина од ратификацијата на Конвенцијата за правата на детето и 30-годишнина откако официјално се воспостави соработка со УНИЦЕФ по независноста на земјата, посветени сме повеќе од кога било претходно за да ги поддржуваме партнерите во нивните заложби за соодветна поддршка на наставниците, со крајна цел да се обезбеди квалитетно и инклузивно образование за секое дете. Ја повикуваме Владата да продолжи со инвестирање во квалитетни наставни програми, ресурси за учење и професионален развој за наставниците, како и заштита на менталното здравје и добросостојба на наставниците за да можат да им помогнат на генерациите ученици да го остварат својот целосен потенцијал“, се заклучува во нивното соопштение до јавноста.