Почна вакцинацијата на наставниот кадар во основното образование

Наставниците кои работат со ученици од прво до трето одделение почнаа да се вакцинираат како дел од масовното вакцинирање во салата „Борис Трајковски“.

„Вакцинацијата на наставниците започна од вчерашниот ден и продолжува во наредниот период. Станува збор за етапно вакцинирање при што од страна на здравствените работници се повикуваат наставниците со однапред закажан термин и час. Министерството за образование и наука апелира наставниците да се пријавуваат за вакцинација со цел побрзо сузбивање на корона вирусот“, стои во соопштението на Министерството за образование и наука.

Оттаму информираат дека во моментов, на територија на целата држава, има 57 инфицирани ученици и 130 наставници кои следат и изведуваат настава со физичко присуство.

„Процесот на вакцинација заедно со почитувањето на мерките засега е единствениот начин да ја намалиме трансмисијата во државата вклучително и образовните институции“, велат од МОН.

Според нив, состојбата во образование со коронавирусот е стабилна и хибридниот модел на настава се покажал како ефективен за заштита на учениците и наставниците од ширење на Ковид-19 во училиштата.