Уметниците можат да се пријават за 6.000 денари за купување македонски производи

Министерството за култура објави Јавен повик за изготвување Листа на уметници и други лица кои вршат дејност во културата, кои ќе можат да користат финансиска поддршка во износ од 6.000 денари за купување македонски производи и услуги.

„Листата на уметници и други лица кои самостојно вршат дејност или друг вид активност од областа на културата, или преку авторски или друг вид договор, заклучно со 27.9.2020 година, се ангажирани во правно лице за вршење дејност од областа на културата се изготвува со цел уметниците и другите лица кои вршат дејност во културата да можат да се стекнат со право на финансиска поддршка во износ од 6.000 денари, која може да се користи исклучиво за купување македонски производи и услуги во периодот од денот на приемот на средствата на трансакциска сметка до 25.12.2020 година“, се наведува во соопштението.

Јавниот повик трае до 12 декември, а сите заинтересирани лица можат да достават Барање за вклучување во Листата и Изјава за исполнетост на условите за вклучување во Листата (кои се составен дел од Јавниот повик) на е-адресата на Министерството за култура (info@kultura.gov.mk).

Листата на уметници и други лица кои самостојно вршат дејност или друг вид активност од областа на културата, или преку авторски или друг вид договор, заклучно со 27.9.2020 година, се ангажирани во правно лице за вршење дејност од областа на културата, Министерството за култура ќе ја достави до Управата за јавни приходи.