Собранието на Република Македонија денеска по скратена постапка ги донесе измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кој се укинува плаќањето на радиодифузната такса.
„За“ гласаа 70 пратеници, а ниту еден „против“ и „воздржани“. За овој закон беше потребно и Бадинтерово мнозинство, така што „за“ гласаа 20 пратеници од немнозинските пратеници.
Со законот се предвидува приходот, што досега го добиваше МРТ преку собирање на оваа давачка, да се финансира од државниот Буџет и тоа во износ од 0,5 проценти од вредноста на Буџетот на годишно ниво. За таа цел потребно е да се одвојат 885 милиони денари на годишно ниво од Буџетот на Република Македонија за 2018 година. Покрај од Буџетот, МРТ ќе се финансира и од други средства, односно од приходи на кабелските оператори и од приходи остварени со продажбата на програма произведена во МРТ.
Радиодифузната такса чинеше 190 денари и беше воведена во 2005 година.
Претходно, Собранието со 82 гласа „за“ го усвои и Законот за стечајни работници. Со него им се овозможува на околу 3.000 лица да добиваат месечен надомест од по 8.356 денари, односно 34 отсто од просечно исплатената месечна нето-плата минатата година.