УКИМ усвои нов модел на студентско организирање – ректорот недостапен, Пленумци реагираат

Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ останува невладина организација, иако под засилени контролни механизми. Вака гласи новиот модел на студентско организирање што ректорската управа го усвои после неколку месеци жестоки расправии меѓу членовите на Студентскиот пленум, СПУКМ и професори.

Студентскиот пленум се залагаше Парламентот да биде тело во рамки на Универзитетот, бидејќи така ќе има поголема контрола врз парите кои се трошат, но и при распишувањето и одвивањето на изборите. Тие сметаат дека оваа одлука е фарса и е обид да се протне криминалот на СПУКМ.

„Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје не мачкајте очи! Не се проблем само изборите на СПУКМ, туку нивната целокупна работа и функционалност! Тоа што Вие сакате да си обезбедите присуство на студенти во управувачките тела само за да се осигурате дека нема да ви поништуваат одлуки, не значи дека со тоа ќе се реши проблемот. Престанете да се изземате од ситуацијата и конечно застанете на страната на студентите. За крај, бидејќи дел од академската заедница има проблем со дефинирање на зборот ,,компромис”, сакаме да им укажеме дека овој збор опишува ситуација во која две спротиставени страни ќе дојдат до заедничко решение, а не ситуација во која едната страна сама ќе си напише и изгласа предлог“, стои во реакцијата на Пленумци.

По усвоената одлука на ректорската управа, за предлогот поединечно треба да се изјаснат и факултетите. Тие имаат уште една недела да свикаат Наставно-научен совет и да се произнесат за новиот модел на студентско организирање.

Ректорот Никола Јанкуловски, за ТВ Телма вчера рече дека универзитетот нема да задира во нивната автономија, но исто така, нема да дозволи и неодговорно однесување на Студентскиот парламент. Според него, во изборната комисија ќе има по двајца членови на факултетите, односно на универзитетот. Нивната функција ќе биде контрола на изборите. Доколку се случи тие навреме да не бидат распишани самиот универзитет ќе организира избори за членови на органи и тела на универзитетот.

Радио МОФ иако се обиде да добие коментар од ректорот, тој како и секогаш, е недостапен за нас на телефонскиот бројот што самиот ни го даде.