Ученичката компанија „Уника Спера” од Велес ќе ја претставува Македонија на Европското финале во Србија

Ученичката компанија „Уника Спера” од Средното училиште „Јовче Тесличков” од Велес го освои првото место на националниот натпревар во ученички компании кој се одржа на 18 мај во Скопје, учениците понудија производ кој содржи бројки и математички операции,  наменет за стекнување и подобрување на математички вештини.

„Рингобит“ е ротирачки, eco-friendly производ кој нуди метод на едукација кој ќе има значително влијание во математичкото образование на децата, намалувајќи ги потешкотиите во учење кај децата со посебни потреби, деца од предучилишна и училишна возраст. Боите на броевите, црвена, жолта и сина, се избрани со цел полесно распознавање од страна на корисникот, додека пак 3Д формата ќе овозможи препознавање со допир.

Второ место освои ученичката компанија „Find and Buy ” од средното училиште „СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија. Преку нивната компјутерска апликација, се добива можност преку фотографија да се дојде до информациja за посакуваниот производ, како и продажното место, цена, начин на достава и сл. Со секоја порачка се собираат поени кои ќе можат да се искористат за различни активности (попусти на интернет) согласно со маркетинг целите во одреден момент. Само со еден клик може секој да го добие посакуваното парче облека доставено дома.

Третото место им припадна на средношколците од средното училиште „Георги Димитров”, од Скопје насловени „Луменис”. „Луменис планира“ производство и продажба на играчки наменети за лица со оштетен вид. Компанијата располага со соодветна опрема за производство на дрвени играчки. Играчките се изработени од природен материјал-дрво и се потполно безбедни. На играчката ќе има изгравирани зборови со букви од Брајовото писмо.

Националниот натпревар опфати 11 ученички компании од десет средни училишта од целата територија на Македонија. Директно учество земаа 55 средношколци и нивните ментори наставници од Битола, Гевгелија, Кавадарци, Куманово, Скопје, Валандово и Велес, додека над 30 тина нивни соученици ги бодреа на натпреварот.

Учениците имаа прилика да ги претстават своите компании, стекнатото знаење, од самото основање до подготовка на компанискиот извештај и бизнис план.

Натпреварот е финансиски поддржан од  Американската агенција за меѓународен развој, а го реализираше организацијата Џуниор Ачивмент Македонија – член на светската мрежа Junior Achievement Worldwide, основана 1919 година.

Во рамки на програмата, како една од главните цели, Џуниор Ачивмент Македонија ќе продолжи во подршката на младите луѓе во стекнување практично искуство на учениците за водење бизнис и развивање на нови вештини како што се тимска работа, лидерство, презентирање, планирање и финансиска контрола , за успешна економија на земјата.

Со изборот на најдобрата компанија Уника Спера”  нашата земја ќе има можност да учествува на Европското финале на најдобри ученички компании, од 16 до19 јули, во Белград, заедно со финалистите од 36 земји членки на Џуниор Ачивмент мрежата.