Турската претстава „Кожурки“ најдобра на фестивалот „Скупи“

За најдобра претстава на годинашното десетто издание на Меѓународниот театарски фестивал „Скупи“, кој заврши вчеравечер, едногласно е прогласена „Кожурки“ на независната компанија „Пангар“ од Истанбул. Одлуката ја донесе тричленото жири во состав Ефе Унсал (претседател) и членовите Диана Спасова и Кирил Андоновски.

„Врвната актерска игра на високопрофесионално ниво, прецизниот режисерски израз и впечатливата естетика ги плени публиката и жирито, како и идејата со гротескна комедија да се обработи еден актуелен и сериозен современ проблем кој на глобално ниво ги обременува „малите“ жени заглавени во нивниот мал и ограничен свет“, образложи фестивалското жири.

На програмата на фестивалот годинава беa изведени седум претстави, кои на публиката и понудија разновиден театарски пристап и естетикa, актуелен и во европското драмско творештво. Фестивалот заврши со претставата „Жозефина“ на белгиската компанија „Шаливате“.

„Покрај победничката претстава, публиката беше одушевена од претставата „Жозефина“ каде вниманието на секој детаљ и имагинативна приказна ја разнежни приказната, како и иновативниот пристап на младата унгарска компанија „СтереоАкт“ и нивната интерактивна претстава „Пред да умреш“, соопшти организаторот на фестивалот.