„TripAdvisor“ нема да продава билети за забавни паркови кои чуваат заробени делфини и китови

Интернет платформата „TripAdvisor“ соопшти дека нема да продава билети за атракции каде се одгледуваат или увезуваат заробени китови и делфини за јавна забава. Веб-страницата за патувања потврдува и дека овој потег ќе ги зафати и гигантите на атрактивните луна-паркови, како што е „SeaWorld“.

Платформата најави дека ќе ги прекине сите комерцијални односи со објектите кои немаат, или не развиваат, алтернативни животни средини за заробените морски цицачи.

„Тие ќе мора да имаат јавна заложба дека, или веднаш ќе престанат да размножуваат и да увезуваат морски цицачи за јавно изложување, или да развијат алтернативни модели, како средини пријатни за овие животни“, изјавил Џејмс Кеј, директорот на комуникации од „TripAdvisor“.

Според платформата, алтернативните средини би требало да бидат крајбрежни мориња, слични до природната средина на овие животни, со посебна заштита и контрола од ветеринари.

„Веруваме дека моменталната генерација на затворени делфини и китови треба да биде последната“, вели Дермон Халпин од „TripAdvisor“.

Новиот пристап се однесува и на комерцијални, но и на непрофитни атракции. Новите правила целосно ќе стапат во сила до крајот на 2019 година.