„Транспаренси интернешнел“ повикува да се испитаат наводите и лоцира одговорност од ревизијата за МОН

„Транспаренси Интернешнел Македонија“ ги повикува надлежните инситуции да постапат по наодите од Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Министерството за образование и наука на сметката на основниот буџет за 2015 година, според кој се констатирани бројни неправилности при вработување на лица и ненаменско трошење на јавните пари кои ова министерство ги имало на располагање.

„Имајќи предвид дека Извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) содржи основани сомневања за сторени неправилности кои во себе содржат обележја на одредени кривични дела, загрижувачки е тоа што надлежните институции сè уште не реагираат на нив. Го повикуваме ДЗР согласно Законот за државната ревизија да го достави извештајот до Државната комисија за спречување на корупцијата и до Јавното обвинителство на Р. Македонија со цел за нивно натамошно надлежно постапување“, соопштуваат од „Транспаренси Интернешнел“.

Со тоа не само што не се остварува целта на постоењето на Државниот завод за ревизија, велат од таму, туку не се остварува ниту целта на постоењето на институциите кои се должни да реагираат во овој случај – Државната комисија за спречување на корупцијата и Јавното обвинителство.

„’Транспаренси Интернешнел Македонија’ смета дека е недозволиво да се игнорираат ревизорските извештаи и поради тоа бара надлежните институции што поскоро да ги испитаат наводите од нив и да преземат соодветни чекори кон лоцирање на одговорност за сторените неправилности“, реагираат од „Транспаренси Интернешнел“.