Тинејџерки од Мароко уапсени бидејќи се лезбејки

Властите во Мароко поднеле тужба за прекршокот хомосексуалност против две тинејџерки, кои наводно биле фатени додека се бакнуваат. Неделава ќе им се суди, јавува организација за заштита на човековите права.

Полицијата го привела парот, идентификувани само како 16-годишната Санаа и 17 годишната Хаџар, во Маракеш минатиот четврток, вели Омар Арбиб, активист во Мароканската асоцијација за човекови права.

„Беа фатени додека се бакнуваат и гушкаат на покрив на куќа во областа Хај Мохамад“, вели Арбиб.

Некој ги фотографирал, ја испратил фотографијата до семејство кое ја информирало полицијата, и двете девојки биле уапсени истиот ден.

Се појавиле пред обвинителите, а требало да одат на судење во петокот, за да се соочат со обвиненијата за „неприродни дела со индивидуа од истиот пол“, под членот 489 од кривичниот законик на Мароко.

Мароканската асоцијација за човекови права обезбедила адвокат да ги брани девојките, кои доколку бидат осудени можат да бидат казнети со затвор од шест месеци, до три години.

Но, Арбиб повикува парот да биде ослободен, а законот под кој се обвинети да биде укинат.