Теоман Максут и Миа Кантарџиева завршија со снимањето во албанскиот филм „Старата куќа“

Македонските актери Теоман Максут и Миа Кантарџиева пред неколку денови завршија со снимањето во албанскиот краткометражен филм „Старата куќа“, кој е режисерско деби на албанскиот актер Генти Каме.
Како што соопштуваат од независниот Театар Фабрика, Генти Каме е познат албански актер, кој има студирано во Париз, Франција и кој активно работи на филмови и ТВ серии во Франција, Италија, Швајцарија и Албанија. Тој ги избра Максут и Кантарџиева за главни улоги во „Старата куќа“ – приказна за двајца млади странци кои се губат во шумата во една албанска планина и оттука започнува нивното патешествие. Филмот е на англиски и албански јазик, снимањето заврши 31 јануари и неговата премиера се очекува некаде на пролет во Тирана.
Инаку, „Старата куќа“ е првиот албански филм од жанрот фантастичен трилер.
„Минатото лето Театар Фабрика со претставата ’Госпоѓица Јулија’ гостуваше на интернационалниот театарски фестивал ’Балкански Театарски Тирана Фестивал’ во Тирана, на кој што претставата во конкуренција со претстави од 7 балкански држави ја освои наградата за најдобра актерка. По овој фестивал актерите Теоман Максут и Миа Кантарџиева, кои ги играат главните улоги во претставата беа забележани од Генти Каме, еден од организаторите на фестивалот и беа поканети да ги одиграат двете главни улоги во неговиот филм ’Старата куќа’“. Сметаме дека ова не е само индивидуален успех, туку и успех на македонската култура воопшто“, стои во соопштението на Театар Фабрика.