Теа Мицевска е новата студентска правобранителка на УКИМ

Теа Мицевска е избрана за студентска правобранителка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, соопштија од Универзитетското студентско собрание на овој универзитет.

„Цврсто верувам во идејата за користење на образовниот систем за развој на поединецот како автономен критички мислител. Досегашните искуства треба да се трансформираат во свест, а тоа подразбира активно реагирање од страна на студентите при предизвиците во образовниот процес, со цел навремено постапување на студентскиот правобранител. Секоја промена се остварува преку непрекината борба, а ние како движечка сила во општеството можеме тоа да го сториме заеднички. Оттука, ги повикувам сите студенти да ме контактираат секогаш кога ќе се соочат со прекршување на нивните права“, вели новата правобранителка.

Студентскиот правобранител постапува по поднесок од страна на студент или по сопствена иницијатива доколку увидел дека е повредено право на студент од страна на органите на Универзитетот или друг член на академската заедница на Универзитетот.

Органите на високообразовната установа се должни да постапат по укажувањата на студентскиот правобранител.