Девојчето Илина и балканскиот рис Риско патуваат низ Македонија во потрага по четирите изгубени светлини од новогодишната ѕвезда. Од нивното враќање зависи дали Новата година ќе го најде патот до секој дом. Така започнува авантурата во „Четирите светлини на Новата година“, илустрирана книга за деца од Иван Антоновски во издание на „Матица македонска“.
Книгата доби пофални оценки од писателите Стојан Тарапуза, Блаже Миневски и Николина Андова-Шопова. Претпродажбата преку веб-страницата на издавачот трае уште три дена, по што книгата ќе биде достапна и во книжарницата на „Матица македонска“.
„Ова е книга што им ја должевме на македонските деца. Да се појавеше пред неколку децении, денешните родители ќе им ја читаа на своите деца како една од најмилите книги од сопственото детство“, оценува Тарапуза. Според него, во сказната на Антоновски Македонија им станува на децата „блиска како другар од детството, со кого ја делат новогодишната авантура“.
Кокино, Стоби, Охрид, Крушево, Пелистер и Галичица се дел од местата што Илина и Риско ги посетуваат во потрагата. Читателите можат да го следат нивното патување на големата карта на Македонија што е дел од изданието, а преку дванаесет мисии и креативни активности и самите да се вклучат во приказната.
Блаже Миневски ја издвојува токму можноста децата да бараат траги, да решаваат задачи и да го продолжат раскажувањето со сопствени идеи. Тој во сказната препознава и начин децата да изградат лична врска со местата што ги запознаваат. „Зашто татковината е наша колку што ја познаваме, но и колку што ја создаваме во срцата, во мислите, во желбите“, пишува Миневски.
Николина Андова-Шопова во својот осврт ги издвојува пријателството, храброста и грижата за другиот како теми што се откриваат низ патувањето. Според неа, сказната нуди новогодишна авантура што децата и возрасните можат да ја споделат читајќи заедно.



