Тоне студентскиот стандард, студентите бараат повисоки стипендии и субвенции за храна

За да ја платат киријата, храната и школарината многу студенти бараат работа. Но, како да се менаџираат предавањата и учењето кога дел од денот се поминува на работа? За Порталб.мк, Гајур Мемети бара повисоки стипендии, а Луиса Ресиди вели дека износот на стипендијата треба да зависи и од економската состојба на студентот. Лази Тефики, кој неодамна дипломирал, оценува дека помошта за студентите стагнира, а цените постојано растат.

Во анкетата на Порталб, 145 од вкупно 173 студенти кои учествувале изјавиле дека не можат да ги покријат месечните трошоци. Гајур Мемети, студент на прв циклус студии по меѓународна комуникација, вели дека тешкотиите започнуваат со секојдневните трошоци за кирија и храна. Покрај нив, тој вели дека студентите мора да најдат пари и за школарина.

„Мислам дека на студентите им е потребна поголема поддршка во овој аспект, бидејќи паралелно со студиите тие бараат разни работи за да можат да ги покријат овие давачки и трошоци со кои се соочуваат во секојдневниот живот“, рече Гајур.

Од Министерството за образование тој бара стипендиите да бидат повисоки и да се исплаќаат редовно.
Луиса Ресиди, студентка на втор циклус студии по финансии, вели дека трошоците за студентскиот живот најмногу ги чувствуваат оние кои немаат целосна поддршка од семејството. Освен киријата и храната, таа ги споменува и излегувањата, како дел од животот на еден млад човек. Кога студентите мораат да работат за да ги покријат овие трошоци, според неа, губат време како за учењето, така и за животот надвор од факултетот.

„За да ги покријат овие трошоци повеќето студенти работат, но ги запоставуваат своите студии. Ова за нив претставува професионална пречка. Исто така, тоа е голем компромис за времето што го имаат за убаво да ги поминат овие години кои никогаш повеќе нема да се вратат“, рече Луиса.
Таа ги зема за пример земјите од Западна Европа и вели дека и кај нас државата парите што ги издвојува за студентите треба да ги гледа како инвестиција, а не како трошок.

„Земјите кои сакаат да имаат развој, дефинитивно мора да се грижат за младите, мора да инвестираат во нив. Не само со студентски субвенции, туку потребни се и разни финансиски стипендии. Исто така, треба да ја разгледаат можноста за категоризација на стипендиите според потребите на студентите“, рече таа.

Лази Тефики, кој неодамна дипломирал компјутерски науки, потребата за работа за време на студиите ја поврзува со јазот помеѓу помошта што ја добиваат студентите и трошоците за живот. Според него, помошта останала на исто ниво како пред шест или седум години, иако во меѓувреме цените пораснале.

„Товарот што паѓа врз студентите е толку голем, што тие се принудени во меѓувреме и да работат и да ги завршат студиите. Во некоја европска или друга земја, државата им помага за време на студиите“, рече Лази.

За тоа како можат да се финансираат студиите Лази како пример ги зема студентските кредити во Соединетите Американски Држави. Тој одблиску ја познава американската реалност, бидејќи и самиот во текот на две летни сезони ја искористил програмата Ворк енд Травел во САД.
Инаку, од 173 студенти кои учествуваа во aнкетата на Порталб.мк, 145 (83,8%) се изјаснија дека не можат да ги покријат месечните трошоци. За 93 од 173 студенти (53,8%) трошат над 15.000 денари месечно, а на 120 семејството им е главен извор на финансирање. За време на студиите работат 73 од анкетираните студенти. Од 22 студенти кои работат со полно работно време, 17 изјавиле дека не можат да ги покријат месечните трошоци. На прашањето која мерка најмногу би им помогнала, 57 го избрале зголемувањето на субвенцијата за храна, а 47 побарале повисоки стипендии. Во следната сторија за студентскиот стандард и поплаките на студентите ќе можете да го проследите разговорот со претставници од студентските парламенти во земјава.

Meta.mk