Европската комисија најави дополнителни 30 милиони евра за иновативни стартапи и мали и средни претпријатија од Западен Балкан. Компаниите ќе можат да добијат грантови до еден милион евра за развој и тестирање технологии или до 2,5 милиони евра за нивно пласирање на пазарот и проширување на работењето.
Поддршката беше претставена на Инвестициската конференција на ЕУ и Западен Балкан во Тирана. Средствата ќе се доделуваат преку две програми на Европскиот совет за иновации (EIC), наменети за компании во различни фази на развој.
Преку EIC Pre-Accelerator се предвидени 10 милиони евра за стартапи и претпријатија што развиваат и тестираат напредни технологии. Грантовите до еден милион евра по компанија ќе можат да се користат за проверка на технологијата, подготовка за комерцијализација и привлекување дополнителни инвестиции. Се очекува повикот да биде отворен од мај до ноември 2027 година.
За EIC Accelerator се предвидени 20 милиони евра. Програмата е наменета за компании што веќе покажале дека нивната технологија функционира и се подготвуваат да излезат на пазарот. Грантовите ќе изнесуваат до 2,5 милиони евра по компанија, а пријавувањето е отворено од ноември 2026 година.
Компаниите од регионот ќе аплицираат преку редовните повици на двете програми. Дополнителните средства се наменети за проекти од Западен Балкан што ќе ги исполнат критериумите за квалитет, но нема да добијат финансиска поддршка поради ограничениот буџет на повиците.
Европската комисија ќе одржи регионална онлајн работилница на 15 декември 2026 година, од 9:30 до 11:30 часот, по средноевропско време. Заинтересираните компании ќе можат да се запознаат со постапката за пријавување и да добијат совети за подготовка на проектните предлози од оценувачи и досегашни корисници на грантови.
Средствата се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА III) и ги дополнуваат можностите за финансирање во рамките на „Хоризонт Европа“. Сите шест партнери од Западен Балкан се придружени кон програмата, а од 2021 година обезбедиле околу 237 милиони евра за повеќе од 1.000 проекти.


