Вондерленд театар ја најавува премиерата на својата најнова претстава „Забранетиот плод“, монодрама со актерката Сара Климоска, која ќе се одржи утре, 28 ноември, со почеток во 17:00 часот во „Котур кафе и филм“ во Скопје. Претставата е работена според истоимениот роман на шведската авторка Лив Стромквист,во режија на Нела Витошевиќ и во драматизација на Викторија Рангелова-Петровска.
Преку историски факти, анегдоти, научни сознанија и елементи од поп-културата, авторката открива како низ вековите општеството, религијата и науката создавале табуа, срам и предрасуди околу женското тело. Со многу иронија и хумор, таа ги разобличува патријархалните механизми на контрола врз жената.

Костимот, маската и дизајнот на плакатот се на Бранкица Јордановска, а музиката е на Ива Дамјановски. Kреативен соработник и координатор на продукцијата е Васил Христов, извршна продуцентка е Тина Величковиќ, а фотограф е Константин Влахо.
Оваа претстава по премиерната изведба во Скопје ќе има и неколку гостувања и низ другите градови низ државата, а потоа ќе си остане на редовен репертоар во Котур.
Монодрамата „Забранетиот плод“ е поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.



