СЗО проценува дека секој четврти Украинец е во ризик од проблеми со менталното здравје

Само неколку дена пред годишнината од руската инвазија врз Украина на 24 февруари, експертите излегоа со преценка дека секој четврти Украинец може да има проблеми со менталното здравје поради тековната војна.

Според Светската здравствена организација ова значи дека околу 10 милиони луѓе веројатно ќе доживеат депресија, вознемиреност, пост-трауматски стрес, биполарно нарушување или шизофренија.

Украинската Влада соопшти дека повеќе од 60% од војниците страдаат од пост-трауматски стрес и околу половина од популацијата има потреба од психолошка помош за да се справи со војната.

Во моментов здравствените работници можат да пружат поддршка на една третина од населението, но војната прави дополнителен притисок врз и онака преоптоварениот систем за здравствена заштита за менталното здравје.

Во градот Лавов, кратко по почетокот на војната беше отворен оддел за психијатрија во Општинската клиничка болница за итни случаи. Од април минатата година таму биле примени повеќе од илјада пациенти кои се пожалиле на трауми поврзани со конфликтот.