„Свиркачите“ Лазаревски и Костовски номинирани за награда што ја доделува Европскиот парламент

Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски, поранешни вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање, кои го открија скандалот со прислушувањето во Македонија, се номинирани како укажувачи за наградата што ја доделува Европскиот парламент.

Мотото на годинашната награда е „Новинари, укажувачи и чувари на правото на информирање”.

Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски се номинирани за „нивното откритие дека се  прислушувани над 20.000 политички противници од страна на Владата предводена од Никола Груевски што доведе и до оставка на Владата“.

Годинашната награда е во чест на Дафне Каруана Галиција, новинарката од Малта која беше убиена со бомба поставена во нејзиниот автомобил.

За наградата се номинирани и Јан Куцијак, словачкиот истражувачки новинар кој неодамна беше убиен, основачот на Викиликс Џулијан Асанж, Мариа Ефимова, укажувач која откри корупција поврзана со политичарите во Малта и Рафаел Халет укажувачот за даночна евазија во Луксембург, поврзан со „Луксембург Ликс“.

Европскиот Парламент на 29 мај ќе ги прогласи победниците и ќе ја  додели награда која изнесува 5000 евра. Наградата е посветена на поединци или групи кои биле заплашувани или прогонувани за откривање на вистината и нејзино објавување во јавноста.

Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски, во март годинава ја добија годишната „Наградата за слобода на говорот“ на Коалицијата за заштита на свиркачите во Југоисточна Европа и Европскиот центар за заштита на правата на свиркачите.