Светското првенство во хип-хоп танци 2024 ќе се одржи во Македонија

Светското првенство во хип хоп и стрит денс шоу 2024 ќе се одржи во Скопје, во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“, во организација на клубот „Брејк а Лег“, од 8 до 17 октомври.

Организаторите најавуваат дека над 4.500 натпреварувачи од над  30 земји од 5 континенти ќе се натпреваруваат во дисциплините „хип хоп“ и „стрит денс шоу“ во повеќе возрасни категории.

„Светското првенство е одлична можност за промовирање на македонската култура, уметност и традиција, но и потврда дека во земјава има квалитетни танчери со неверојатни вештини и страст за танц. Упатувам голема благодарност до Светската танцова организација која искрено го препозна нашиот долгогодишен труд, но и заложба за развивање на модерните танци во земјава. Горд сум што следната година ќе бидеме организатори на овој важен настан и ветувам дека ќе понудиме одлична програма која ќе го привлече вниманието на љубителите на танцот и на сите граѓани“, изјави Трајче Петковски, основачот на „Брејк а Лег“.

Македонското домаќинство на Светското првенство во хип-хоп танци било официјализирано со потпишување на договор за организација во Полска, при прес-конференцијата на Светската танцова организација (ИДО), во присуство на претседателот на ИДО Д-р Велибор Срдич, организаторите Ана Биали и Валдемар Кречко.