Светскиот мир најлош во последниве 10 години, Македонија на 87-мо место од 163 држави

Македонија изминатава година забележала подобрување за 15 позиции според Глобалниот мировен индекс 2018, кој ја мери состојбата на мир во државите. Земјава се наоѓа на 87-мо место од 163 светски држави, додека минатата година се наоѓаше на 102-то место, на рангирањето кое по дванаесетти пат го објавува Институтот за економија и мир од Сиднеј.

Индексот користи 23 квалитативни и квантитативни индикатори од угледни извори, според кој ја мери состојбата со мирот според три главни тематски целини: ниво на безбедноста во општеството, големината на постојан внатрешен или надворешен конфликт и степенот на милитаризација.

Според овие тематски целини, Македонија најлош резултат покажува во безбедноста во општеството, а најдобар во степенот на милитаризација.

Доколку се разгледаат поединечните индикатори, лошата позиција на Македонија на глобалната листа најмногу се должи на перцепцијата на криминалитет, пристапот до оружје и бројот на полициски службеници по глава на жител.

Во споредба со земјите од окружувањето, Македонија се наоѓа зад Бугарија (26-то место), Хрватска (27), Албанија (52), Србија (53), Црна Гора (58) Грција (79), а пред  Босна и Херцеговина (89) и Косово (92).

Најмирната земја во светот и оваа година останува Исланд, а потоа следуваат Нов Зеланд, Австрија, Португалија и Данска.

Земјите со најмалку мир се Сирија, која се најде на последното место, Авганистан, Јужен Судан, Ирак и Сомалија.

Рангирањето на сите 163 држави според Глобалниот мировен индекс – 2018

Петте земји со најголем напредок изминатава година биле Гамбија, Либерија, Ирак, Бурунди и Сенегал, додека државите кои имале најголем пад се Катар, Демократска Република Конго, Того, Шпанија и Мјанмар.

Најновиот Глобален мировен индекс покажува дека изминатава година мирот се влошил во 92 земји во светот, додека 71 држава забележале подобрување. Светскиот мир е на најниско ниво во последниве години, а индексот покажува свет во кој тензиите, конфликтите и кризите кои се појавиле последнава деценија, остануваат нерешени, особено на Блискиот Исток и резултираат со постепено и постојано опаѓање на состојбата на мир.

„Економските последици од насилството врз глобалната економија во 2017 година изнесуваше 14.76 трилиони долари. Оваа бројка е еднаква на 12,4% од светскиот БДП, односно економската активност, или 1.988 долари за секој човек“, се наведува во извештајот кој истовремено покажува дека економијата на земјите кои имаат повеќе мир се движи со повисоки стапки на раст во споредба со земјите кои се во лоша мировна ситуација.