Студирање на странски универзитет во време на пандемија – македонски студенти ги споделуваат искуствата

Годинава, Ковид-19 кризата и светската пандемија влијаеше на секој аспект од животот на луѓето. Таа, не само што промени многу секојдневни планови и за момент го „стиши“ целиот свет, туку и влијаеше на многу нови одлуки и идеи за иднината. Во поглед на образованието, на површина „излегоа“ голем број на недостатоци кои биле потискани со години. Но, ниту Ковид-19 не успеа да ги спречи одличните и одлучни умови да го продолжат своето образование на универзитетите во странство.

За влијанието на Ковид-19 врз одлуките, плановите и финалните подготовки, разговаравме со тројца студенти кои оваа година заминуваат во странство, на студирање.

Еден од нив е и Стефан Митиќ – тој има 19 години и пред неколку месеци го заврши своето средно образование во скопската гимназија ,,Орце Николов”. Сега е запишан и студира на Њујоршкиот универзитет во Абу Даби (NYU Abu Dhabi). Тој го започнува процесот на запишување на универзитетот уште при почетокот на четврта година и е сигурен дека Њујоршкиот универзитет во Абу Даби е совршената прилика да си ги оствари своите соништа и кариерни планови.

„Искрено, имам голема среќа што универзитетот на кој се запишав има кампуси во Њујорк, Абу Даби и Шангај, затоа што тоа им овозможува постојана комуникација и ажурност, посебно во Ковид-19 кризата. Универзитетот постојано нè известуваше нас, учениците, за можните исходи во новиот семестар, па ние бевме подготвени на двете опции – доколку се стабилизира ситуацијата да одиме на кампус, а доколку не се стабилизира да започнеме онлајн. Јас овој семестар го учам онлајн, меѓутоа сите ресурси што ми ги овозможува универзитетот ја ублажуваат ситуацијата. Предавањата и вежбите ми се онлајн, и воннаставните активности и настани на ист начин се случуваат. Лимитиран сум во однос на социјализација во живо, но затоа што секое можно случување се префрли онлајн, на Зум, не ми е проблем да се зближам со новите колеги и професори.“ – вели тој.

Според него, универзитетот на кој го започнува новото поглавје од својот живот, ги презема сите можни заштитни мерки.

„Универзитетот работи со намален број на професори, вработени и студенти на кампус. Секој што ќе патува од странство во Абу Даби мора да помине 14-дневен карантин и мора два пати во денот да ја регистрира својата телесна температура. Голем дел од универзитетот е затворен, студентите не можат да се движат вон кампусот и носењето на заштитни маски и дистанцирањето од 2 метри е задолжително. Предавањата се одвиваат онлајн, на платформата Зум (nyu.zoom.us), a целата комуникација со професорите е преку меил и преку страницата NYU Classes, каде ни задаваат задачи, книги за читање, испити и сл.“

Тој, исто така, додава дека професорите се навистина подготвени, знаат како ефективно да го предадат материјалот.

„Тоа е така, делумно, поради фактот дека претходниот семестар беше исто така онлајн. Тој семестар, професорите првпат се запознаа со онлајн часови и Зум. Се случуваат технички грешки при предавање, но ми се допаѓа тоа што професорите нè уверуваат дека сите заедно учиме еден од друг во овие времиња и има простор за забуна или грешка“, објаснува Стефан.

Од студиите има големи очекувања поради сите неверојатни можности што ги нуди избраниот универзитет – предмети кои поттикнуваат логичко размислување и експериментални истражувања, можности за соработка со професори од врвен калибар, унапредување на кариерата преку практиканство, патувања со цел запознавање нови култури и уште многу други работи.

„Јас не сум разочаран од универзитетот на кој се запишав, затоа што знам дека прават сè што е во најдобар интерес на студентите и затоа што прават најмногу што можат со оглед на околностите. Ги поддржувам сите ученици кои сакаат да се запишат во странство и кои мислат дека тоа е најдобриот избор за нив. Позитивните страни на студирањето во странство имаат поголема тежина од негативните, па дури и тоа студирање да е онлајн. Многу е важно меѓусебно да се поддржуваме и да останеме во постојан контакт со други лица, особено сега. Само постојаната комуникација и двостраната помош ќе ни овозможи полесно пребродување на тешки периоди“, дециден е тој.

Ванѓел Ѓорѓиев моментално студира мастер по Меѓународно јавно право на Утрехт Универзитетот во Холандија. Универзитетот се наоѓа во градот Утрехт кој слободно може да се окарактеризира како студентски град поради големиот број на студенти секоја година.

„Најголемата последица од КОВИД-19 пандемијата, во поглед на академските студии, претставуваше несигурноста. Долг период високообразовните институции ширум светот, оправдано, не беа сигурни како ќе се одвива академската година од септември 2020 година, вклучувајќи го и Утрехт Универзитетот. Таквата несигурност ја отежнуваше комуникацијата со универзитетот и влијаеше на низа други процеси (особено во поглед на прибирање на неопходна документација) кои беше потребно да се одвиваат токму пред заминување на студии. Во даден момент за време на летото, универзитетот донесе одлука првиот семестар во голем дел да го започне со онлајн предавања (со одредени отстапки) и со препорака до студентите да дојдат во Холандија. Одлуката на универзитетот во голема мера ја разреши и мојата несигурност и започнав да се подготвувам за преселба во друга држава во период на пандемија. Според тоа, би заклучил дека пандемијата значително влијаеше на моите планови и непотребно го отежнуваше целиот процес на подготовка и заминување.“

Вангел вели дека прво планирал наставата да ја следи од дома, онлајн. Сепак, универзитетот им напоменал на студентите дека поради можни промени во начинот на спроведување на наставата после првите неколку недели, препорачливо е се биде во Холандија.

„Искрено, во тој момент немав голема дилема, едноставно се одлучив дека ќе се преселам во близина на кампусот на универзитетот. Одлуката во голема мера ми се должеше и на фактот дека треба да го земам предвид и студентскиот живот, како и можноста за учество во различни академски и професионални предизвици за кои е потребно физичко присуство. Дополнително, универзитетот веќе размислува за постепена транзиција кон организирање на делумна физичка настава, така што присуството на кампус е од големо значење.“ – вели Ванѓел.

Според него, универзитетот ги презема сите потребни мерки за да овозможи сигурно и ефективно образование со што е можна помала дискрепанца помеѓу физичката и онлајн наставата.

„Голем дел од програмите на универзитетот се користат со комбинација на оналајн и физичка настава (особено програмите со помал број на студенти), додека останатите започнаа со целосна онлајн настава. Многу е важно да се потенцира дека на универзитетот се запишани студенти од цел свет кои моментално не можат да патуваат до Холандија, но универзитетот е многу свесен за овој предизвик и преку интерактивна онлајн настава им овозможува ефекетивно учество во програмите. Професорите, во главно ги имам запознаено на онлајн настани и предавања. Предавањата ги спроведуваат на видеоконференциски платформи, но се користат и со различни методи и технологии кои нудат можност за интерактивност. Секогаш се трудат предавањата да ги организираат во определено времетрање кое гарантира ефективност во одржување на концентрацијата на студентите. Според тоа, и дадениот материјал кој треба да се покрие во студиите е модификуван, во поглед на обработка на содржината и начинот на презентирање на истата, сѐ со цел да одговара на онлајн наставата. “

Анастасија Лазова е 18-годишна девојка која своето средно образование го завршува во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје. Во моментов, таа се наоѓа во Љубљана, Словенија, каде што во октомври ќе започне со додипломски студии во областа на Биотехнологија на Биотехничкиот факултет.

„Пред сѐ, Ковид19 – кризата претставува огромен предизвик, со главен акцент на тоа што истата го промени текот на работите и текот на сечие секојдневие, насекаде во светот. Не можам да кажам дека ситуацијата со вирусот не ми влеа одредена доза на несигурност, најпрво во однос на процесот на запишување, а потоа и за самото заминување во Словенија. На почетокот ме загрижуваше матурата, со оглед на тоа што таа заземаше 60% од условите за упис на кој било факултет во Словенија. Но, уписот се одвиваше врз истиот принцип како и кај нас, условите се променија и беа прилагодени врз основа на ситуацијата. Морам да признаам дека процедурите за аплицирање и поднесување на документи не изискуваа премногу, како што и напоменав, поднесувањето на документи се одвиваше на ист принцип како кај нас, електронски. Најголем предизвик што се однесува до заминувањето, а на којшто влијаеше Ковид19 – кризата, беше самиот премин на границата, потребната и релевантна документација  за влез во државата и се разбира решението за задолжителна самоизолација веднаш по пристигнувањето.“

Таа немала можност да одбере како сака да ги поминњ првите месеци од студирањето.

„Дефинитивно имав дилеми околу заминувањето, особено поради рокот за резултати. Откако аплицирав, дознав дека резултатите ќе ги добијам најдоцна до 4-ти септември, па со оглед на тоа што веднаш по пристигнувањето треба да бидам во самоизолација и земјаќи го предвид фактот дека во догледно време требаше да најдам соодветно сместување, очекував да добијам резултати до средина на август. Но, сфатив дека работите не се одвиваат како што претпоставувам, што доведе до тоа да го пропуштам првиот уписен рок кај нас, а исто така не можев никому да дадам конкретен одговор околу сместувањето, па постоеше огромен ризик во секој момент да осатанам без истото. Во тој период ми се појавија голем број на дилеми околу заминувањето, преиспитување на одлуката и слично. Дефинитивно не ми беше едноставно, но на крајот од денот – најлесно е да се откажеш, меѓутоа истото не е и најизводливо.“

Анастасија започнува со студии во октомври и сѐ уште се нема запознаено со професорите и со начинот на студирање туку што треба да бидам известена. Но, таа од досегашното искуство при уписот, признава дека има стекнато впечаток за исклучителна ажурност.

„Сметајќи го фактот дека имав само десет дена за подготовка на сите потребни документи за упис, сите информации и потребни документи од факултетот ги добив за многу кратко време, дури и побрзо од што очекував, што дефинитивно ми го даде го многу потребното чувство на сигурност. Исто така, многу позитивно ме изненади тоа што имам назначен тутор (подучувач, најчесто студент со поголемо искуство на факултетот) кој ни се обрати на сите странски студенти од прва година (на смерот „биотехнологија“) со цел да ни посочи дека за сите прашања кои ги имаме поврзани со студирањето, животот и секојдневието во Љубљана можеме слободно да се обратиме нему. Особено ми се допадна пристапот и разбирањето од негова страна.“

На сите оние кои се уште размислуваат и се двоумат дали треба или не треба да се запишат на некој странски факултет, таа им порачува дека колку и да се тешки времињата, никогаш не се и нема да бидат доволно тешки за остварување на соништата и плановите за иднината, особено ако тие го засегаат образованието како битен дел од животот и кариерата.

„И јас мислев дека е невозможно да се запишам на факултет за десет дена и во истите десет дена да се подготвам и да заминам во Љубљана. Па еве, тука сум и имам сѐ што ми е потребно. Морам да посочам дека сѐ уште сум на самиот почеток што не ми овозможува да зборувам околу искуство со студирањето и самото живеење тука. Но, секое искуство е искуство и затоа сметам дека доколку Ви се пружи одлична шанса која Ви гарантира многу подобро утре, препорачувам многу повеќе да се фокусирате на сите придобивки кои ќе ги имате во иднина со носење на таа одлука, отколку на недостатоците затоа што дефинитивно имаат различна тежина.“

Ана Илиева