Студентското археолошко здружение „Аксиос“ и Националната Установа Стоби потпишаа меморандум за соработка

Студентското археолошко здружение „Аксиос“ – Скопје, претставувано од претседателот Игор Ефтимовски, и Националната Установа Стоби, претставувана од директорот м-р Мишко Тутковски вчера потпишаа Меморандум за соработка.

Меморандумот ќе претставува рамка за идната соработка помеѓу двете страни во насока на организација и реализација на заеднички проекти, научни и студентски конференции, обуки, летни школи, едукативни кампови, семинари, работилници, изложби, промоции и трибини, информираа од „Аксиос“.

Во моментот, членови на Студентското археолошко здружение „Аксиос“ учествуваат во теренски истражувања на комплексот објекти околу храмот на Изида во Стоби предводени од раководителот м-р Јован Радњански од НУ Стоби, и во изработката на дигитална документација на откриените ситуации во соработка со претставници од
Универзитетот Квинс од Канада.

Студентското археолошко здружение „Аксиос“ – Скопје е формирано во 2001 година со цел да ги обединува студентите по археологија и историја на уметност од Македонија во едно креативно тело преку кое ќе ги надградуваат своите професионални и стручни знаења и ќе го промовираат културното наследство на државата.