Студентски избори на УКИМ – ќе ја намали ли пандемијата нивната излезност?

Оваа година на ниво на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ по втор пат ќе се одржат изборите за независни студентски собранија. Според Борјан Ефтимов, претседател на Универзитетското-студентско собрание на УКИМ, изборите за факултетските собранија оваа година ќе можат да се организираат електронски или со физичко присуство, во зависност од условите и одлуката на секој посебен факултет.  Тој нагласува дека ваквата  измена е со цел да олесни искористувањето на гласачкото право на секој студент во овие нови околности.

Претседателот на универзитетското собрание на Правниот факултет, Кристијан Зумровски, вели дека овогодинешните избори на Правниот факултет ќе се одржат на 4 декември 2020 година, електронски преку платформата Lime Survey и со техничка поддршка од ФЕИТ.

„Самиот чин на гласање ќе биде преку официјалните мејлови на студентите генерирани од Iknow системот, при што студентот може да гласа само еднаш“, дополнува Зумровски.

Дека е донесена одлука која дозволува електронско гласање, како и фактот дека студентите ќе гласаат онлајн, добивме потврда и од Елена Кежароска, претседателка на студентското собрани при факултетот „Блаже Конески“.

„Комбинацијата на електронско гласање што автоматски им ја олеснува работата (и патот) на студентите заедно со нашите кампањи, како и зголемената свест за тоа што е студентско организирање надежно ќе доведе до поголема излезеност“, истакнува таа.

Зборувајќи за тоа дали онлајн гласањето ќе донесе поголема или помала излезност од минатата, Ефтимов вели дека статистиката може да се набљудува од повеќе аспекти. Притоа тој нагласува дека доколку се спореди излезноста на студентските избори (20 отсто) со парламентарните избори на државно ниво – тогаш таа е мала. Но доколку се споредат бројките со претходните избори за студентски претставници, излезноста е многу поголема.

„На одредени факултети излезеноста беше и повеќе од 40%, така што не можеме да кажеме дека излезеноста беше лоша на изборите во 2019, иако дефинитивно има голем простор и потреба од зголемување. Оваа година не можам да прогнозирам што ќе се случува. Изборите ќе бидат значајно изменети, дел електронски, дел со физичко присуство, а студентите не се многу заинтересирани заради егзистенционалните проблеми со кои се соочуваме како општество. Според мене, електронските избори се подобро решение бидејќи го олеснуваат избирачкото право на студентите“, истакнува Ефтимов.

И Зумровски смета дека излезноста на претходните избори била голема, имајќи предвид дека на изборите гласале 400 студенти од вкупно 1600, како и фактот дека минатогодишните избори се први независни избори.

„Оваа година се решивме на онлајн избори заради фактот што во време на пандемија е невозможно за организирање на избори in vivo и лично сметам дека излезноста оваа година ќе биде уште повисока“, истакна тој.
Ефтимов додава дека електронското гласање во овој случај не е забрането со Законот за високо образование, кој единствено бара тајност и непосредност при гласањето.

„Тајноста и непосредноста можат да се обезбедат и преку платформи за електронско гласање. Поради тоа, УСС-УКИМ донесе одлука и упатство за организирање на електронски избори, доколку на тоа се одлучат факултетите и факултетските студентски собранија“, вели Ефтимов.

И за Зумровски електронското гласање е изводливо и од технички и од правен аспект.

„Во ЗВО, Статутот на УКИМ и Статутот на ПФ е наведено дека изборите за студентски претставници се одржуваат тајно, непосредно, фер и демократски и никаде не е изречно наведено дека тие се одржуваат in vivo, a исто така и самиот интегритет на изборниот процес е осигуран со самиот процес на логирање на студентите на нивниот официјален студентски мејл при што се бара лозинка, односно невозможноста на еден студент да гласа во име на друг“, истакнува тој.

Во продолжение, прочитајте како се одвиваа ланските студентски избори на УКИМ.

Студентски избори без инциденти, но со слаба излезност од 14%

И.С.