Студентите од ЕУ ќе плаќаат повеќе за студии на британските универзитети од 2021

Студентите од Европската Унија кои сакаат да студираат во Велика Британија од академската 2021 година ќе мораат да плаќаат повисоки трошоци поради „Брегзит“, потврдиле од британската влада.

Досега студентите од Европската Унија уживаа ист статус како нивните британски колеги и плаќаа исти трошоци. Тие исто така имаа пристап до кредити од британската влада за плаќање на студиските трошоци.

„По одлуката за напуштање на ЕУ, државјаните на ЕУ, Европската економска зона и Швајцарија повеќе нема да имаат статус на домашни студенти, додипломци, постдипломци и друга финансиска поддршка за предавања кои ќе започнат од академската 2021/2022 година“, напиша Мишел Донелан, министерката за универзитети, во писмено соопштение до парламентот, пренесува Еуроњуз.

Во моментов британските и ЕУ државјаните плаќаа по околу 10.000 евра годишно за додипломски студии. Партиципацијата пак за странски студенти се движеше меѓу 11.000 и 42.000 евра, во зависност од универзитетот и степенот на образование.

Велика Британија официјално ја напушти ЕУ на 31 јануари, но сега се наоѓа во транзициски период до крајот на декември во кој правата на граѓаните остануваат неизменети.

Од групацијата „Универзитети на Британија“, која претставува 137 високообразовни установи низ земјата велат дека универзитетите претпочитале да се задржи предвидливоста на моменталните договори со ЕУ студентите во Англија да продолжат и во академската 2021/2022.

„Студентите од странство, од ЕУ и останатите држави, треба да можат да студираат во Велика Британија со минимални бариери. Странските студенти го засилуваат образовното окружување на нашите универзитети, од што корист имаат сите студенти и се интегрален дел од нашето општество и култура“, додаваат од групацијата.