Студентите од домот од Битола ќе може да ги земат работите, ама мора да се најават 24 часа пред доаѓање

Студентите кои беа сместени во домот „Кочо Рацин“ во Битола ќе може да си ги земат работите кои ги оставија откако пред три недели, со цел да се спречи ширењето на новиот коронавирус беа затворени сите студентски домови, а студентите беа пратени дома, првично на две седмици.

Како што објаснува директорката на домот Соња Карапец, објектот е затворен, но секој што сака да си земе лични работи, ќе треба да се пријави 24 часа пред доаѓањето, со цел да се избегне создавање гужва и повеќе лица да бидат истовремено во една соба. Студентите треба задолжително да носат заштита, како маска и ракавици, а влегувањето во собите ќе биде следено од вработени, за кои веќе е набавена заштитна опрема, информира директорката.

„Најважно ни е сите да бидат заштитени. Ние веќе набавивме скафандери за една употреба за вработените и друга заштитна опрема. Ова го правиме за безбедноста на нашите студенти“, објаснува за Карапец.

Таа додава дека поради тоа што во домот нема соби со внатрешен тоалет, не се погодни за користење за државен карантин. Иако првично беше најавено дека два блока од домот ќе се празнат, Карапац вели дека приватните работи на студентите засега нема да се отстрануваат. Сепак, додава, доколу има било каква потреба, домот ќе биде ставен во функција на владините побарувања.

Како што веќе објави Радио МОФ, десетици студенти кои до неодамна престојуваа во студентскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола, пред два дена добиле известување дека вработените ќе им ги спакуваат нивните приватни работи од собите, кои се ослободуваат за поради актуелната пандемија на новиот коронавирус.

Студентите од блокот „Д,“ во овој дом, за Радио МОФ велат дека телефонски им било соопштено дека блокот во кој се сместени ќе се пренамени за карантин, а нивните лични работи ќе бидат собрани во вреќи.

По објавата на текстот на Радио МОФ, студентите потврдија дека сепак ќе им биде дозволено да си ги земат своите лични работи сами, доколку имаат потреба од нив, бидејќи, појаснуваат, во собите имаат оставено облека, предмети, но и книги кои им се потребни за испити.

Радио МОФ побара став и од Министерството за образование, но оттаму информираат дека се уште нема конкретни насоки на кој начин и дали целосно ќе се иселуваат студентските домови.

На 31-вата владина седница, што се одржа пред неколку дена, владата донесе уредби со законска сила со кои ќе се овозможи ученичките и студентските домови да се користат како сместувачки капацитети за превенција од ширење на коронавирусот (COVID 19).

Ј.Ј.