Дел од студентскиот дом во Битола се празни, студентите не можат да си ги земат работите

Десетици студенти кои до неодамна престојуваа во студентскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола, денеска добиле известување дека вработените ќе им ги спакуваат нивните приватни работи од собите, кои се ослободуваат за за да бидат подготвени за сместување други лица поради актуелната пандемија на новиот коронавирус.

Студентите од блокот „Д,“ во овој дом, за Радио МОФ велат дека телефонски им било соопштено дека блокот во кој се сместени ќе се пренамени за карантин, а нивните лични работи ќе бидат собрани во вреќи.

„Ни рекоа дека гарантираат за нашите ствари, дека нема ништо да фали. Како предлог дадовме сите да добиеме по еден саат за да можеме да си ги земеме личните ствари. Прво се обративме кај директорката, која рече дека не може да ги земеме работите, бидејќи така може да се прошири вирусот“, појаснуваат студентите.

Тие велат дека се свесни за ситуацијата, дека ќе носат маски и ракавици, се со цел да си ги земат работите кои се нивни. Велат, дека, пред да го напуштат домот пред неколку недели, никој не им кажал дека нема да можат да се вратат назад. Додаваат дека во собите имаат и вредни предмети, облека, но и книги кои им се потребни за учење.

Студентите појаснуваат дека вртеле и на телефините во Министерството за здравство, од каде рекле дека не се надлежни и ги препратиле во Владата и Министерството за труд и социјална политика.

„Ни дадоа број кој ни рекоа дека ќе ни помогне за ситуацијата, но никој не јавува“, велат и додаваат дека сега пишуваат претставка до Народниот правобранител.

Директорката на ДСД „Кочо Рацин“, Соња Карапец, вели дека е свесна за новонастанатата ситуација. Таа појаснува дека засега немаат најави дека ќе се прави државен карантин, бидејќи за тоа, додава е потребно секоја соба да има посебен тоалет, што не случај во блокот „Д“. Меѓутоа, појаснува, бидејќи вчера од Владата било побарано да се стават на располагање студентските домови, тие ослободуваат два блока од домот, од кои еден е токму блокот „Д“.

Карапец вели дека првично им било во план да ги повикаат студентите, во посебни термини, но по консултација со доктор инфектолог од Центар за јавно здравје од Битола, решено е да се постапи поинаку.

„Заради нивна заштита, ги известив дека комисиски ќе бидат стварите спакувани. Од општина не повикаа, од кризниот штаб, еден дел да биде ослободен како резерва. Не цел студентски дом, туку еден мал ден мора да биде ставен во функција на очекување насоки од Владата“, вели Карапец и дообјаснува дека се работи за 75 студенти.

Во собите, додава, ќе се влегува комисиски, ќе се направи пописна листа, ќе се соберат работите, кои ќе бидат собрани и складирани во пакети. За тоа кога и како ќе можат студентите да си ги подигнат пакетите, директорката вели дека се ќе зависи од ситуацијата и насоките кои ќе ги добие од институциите.

Радио МОФ став побара и од Министерството за образование.

Покрај неколку хотели, одморалиштата и бањски капацитети кои деновиве беа ставени на располагање за сместување во карантин на лицата кои влегоа во земјава, отсега ќе се приклучат дополнително и ученичките и студенските домови, за што Владата вчера донесе посебни уредби.

„Имајќи ја предвид прогласената вонредна состојба во државата, со овие уредби со законска сила се регулира овозможување ученичките и студенските домови да се  користат како сместувачки капацитети за превенција од ширење на коронавирусот (COVID 19)“, се вели во одлуката на владата.

Коронавирусот ги испразни студентските домови

Ј.Ј.