Коронавирусот ги испразни студентските домови

Со куфери и ранци на себе, студенти сместени во студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, претпладнево  го напуштаа објектот и се упатуваа во градовите од каде што доаѓаат. Повеќето си заминале уште вчера по препораките кои беа усвоени за прекинување на воспитно-образовниот процес во градинките, училиштата, но и факултетите во следните две недели, поради коронавирусот.

Дел од нив, за Радио МОФ, велат дека не добиле никакво известување од студентската управа за тоа како треба да постапат, додавајќи дека известување добиле само од факултетите каде што студираат.

„Внатре не е раздвижено. Си отидоа студентите, што ќе прават две недели“, кратко ни изјави студент од домот.

Директорот на Државниот студентски дом – Скопје Дарио Николовски, вели дека во текот на денешниот ден, откако официјално добиле известување од МОН, го споделиле известувањето со студентите дека нема да бидат достапни за користење ниту просториите и услугите на државните студентски и ученички домови.

Во однос на тоа, дали студентите на можат самоиницијативно да останат во домовите и покрај препораките, Николовски апелира препораките да се почитуваат и студентите да ги напуштат студентските домови.

„Во моментов, така е стигната информацијата, и во зависност како ќе се одвиваат денес, најкасно утре работите, веројатно таа препорака ќе треба да видиме, врз основа на тоа колку се почитува, како да ја дефинираме“, дополни Николовски.

Студентските домови, објаснува тој, ќе бидат дезинфицирани во периодот додека студентите се заминати, а службите, додава тој, се водат по мерките на министерството за здравство.

Во меѓувреме, студентите од домот „Пелагонија“ дури попладнево биле известени дека домот ќе престане да функционира. Претходно, како превенција од вирусот, студентка за Радио МОФ сместена во домот, вели дека заедно со нејзините цимерки, сами набавиле антибактериски сапун.

„При секое доаѓање од надвор обавезно ги миеме рацете, си купивме и антибактериски марамици за при возење со автобус, избегнуваме излегувања и гледаме да бидеме на здрава исхрана, ја проветруваме собата, бидејќи е битно да има колку-толку чист воздух во соба“, изјави студентката.

Поголем број од студентите, додава таа, заминале уште вчера, кога било објавено соопштението за паузирање на наставата.

Радио МОФ испрати прашања до Студентскиот дом „Пелагонија“, но, до објавување на текстот не добивме одговор. Од студенти во „Пелагонија“ дознаваме дека им било соопштено да го напуштат домот најдоцна до утре, до 14 часот.

Министерството за образование (МОН) вчера преку соопштение информираше дека образовните установи во земјата, во кои спаѓаат и ученичките и студентските домови добиле нови насоки за постапување кои треба да стапат на сила денеска.

„Сите образовни установи го прекинуваат воспитно образовниот процес во следните 14 дена. Тоа значи дека учениците и студентите нема да посетуваат настава, а воедно во истиот овој период нема да бидат достапни за користење ниту просториите, односно услугите на државните студентски и ученички домови“, стои во соопштението на МОН.

Вработените во основните и средните училишта се ослободени од работните обврски, додека административниот кадар во високообразовните установи, јавните научни установи, и ученичките и студентските домови имаат обврска да бидат на работа, со исклучок на хронично болните, бремените жени и родителите кои имаат деца со навршена возраст до 10 години.

Мартин Колоски