Студентите го креираа својот факултетски распоред на Станица:Студентска

Вчера на Филозофскиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј студентите имаа можност да бидат дел од целодневна алтернативна програма исполнета со предавања, работилници, презентирање на истражувања и креативни активности, во рамки на шестото издание на настанот Станица: Студентска организиран од Младински образовен форум (МОФ).

На Станица: Студентска посетителите можеа да се запознаат и зачленат во 20 младински организации преку отворен саем. Дел од организациите одржаа и свои предавања на факултетот, со што Национален младински совет на Македонија, ЏЕФ Македонија, ХЕРА, ЕМСА, ИАЕСТЕ, Субврезивен фронт, КРИК, Гоу грин, Истражувачко друштво на студенти биолози, Social Impact Award, Сојуз на извидници и индивидуалци истакнати во своите полиња, дадоа придонес кон збогатување на академскиот ден на студентот.

Деветнаесет млади истражувачи за прв пат ги презентираа своите нови истражувачки трудови пред своите врсници, поддржани во својот потфат од МОФ и искусни ментори.

Темите кои тие ги избраа за своите истражувања се: условите за лица со посебни потреби во образование, дискриминацијата во образованието, емиграцијата на младите, сексуалното вознемирување во Македонија и младинската невработеност.

Еден од истражувачките тимови својот приоритет го стави на пристапот на младите со попреченост во образованието. Според нив, поминати се две децении од почетокот на образовната инклузија во Македонија, а со тоа и 20 генерации, но напредокот е спор. Тие посочуваат дека треба да се направат законски измени во кои јасно, детално и недвосмислено ќе биде дефинирано кои се правата, можностите и должностите на учениците и студентите со посебни потреби.

„Овие истражувачки трудови кои наскоро ќе бидат во целост објавени се јасна слика дека младите студенти и истражувачи во земјата знаат да одберат важни теми и можат да дадат голем придонес. Преку нивните истражувања тие  не само што ги надоградуваат своите лични знаења туку, и  обезбедуваат нови податоци во значајни полиња за академската заедница и општеството, кои можат да бидат употребени при процесот на носење одлуки, особено во областите кои беа истражени“, велат од МОФ.

Станица: Студентска имаше за цел да обезбеди простор за современи предавања кои студентите ретко имаат можност да ги следат на нивните факултети, можност да се информираат за организациите кои се отворени за нив, да учествуваат во работилници, да се запознаат со нови истражувања и да разменат искуства и контакти. Настанот го организираше МОФ со поддршка на Фондации Отворено општество.