Студенти повикуваат на прв референдум на УКИМ

Група студенти ги повикуваат своите колеги да учествуваат во првиот студентски референдум на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кој доколку има интерес, би се одржал на 28 септември.

Референдумот е поврзан со Студентскиот парламент и начинот на кој оваа организација опстојува во рамки на Универзитетот, а сепак е невладина организација.

„Студенту, дали телото кое те претставува, во рамките на универзитетот, да продолжи да биде невладина организација?”, би гласело прашањето на референдумот.

„По крадењето на гласачки кутии и тепачките на студентските избори, универзитетскиот Сенат зема за одговорност да го реформира студентското претставување. Сепак, во процесот на реформирање, сенатот повторно е глув за ставот на студентите. Изгледа дека слабото студентско организирање и статус квото му одговара на универзитетот, а никако на студентите! Затоа, ве повикуваме да се здружиме заеднички, како слободоумни и независни студенти за да го организираме на 28 септември – Првиот студентски референдум на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, се вели во повикот на студентите.

По изборите во јуни за нов претседател на СПУКМ, кои поминаа со голем број на нерегуларности, Ректоратот формираше две комисии, од кои едната имаше задача да ги разгледа условите во кои се одвивале изборите, додека другата требаше да работи на менување на Статутот на УКИМ во делот со студентското организирање. И двете комисии требаше да понудат некакво решение до 15 септември, кога на функција стапи новиот ректор Никола Јанкуловски.

„УКИМ не смее да одлучува за студентското претставување, без притоа да ги праша студентите!“, стои во повикот.

Од Студентски пленум велат дека студентскиот молк е зараза која ја труе слободата на студентите и удира во нивниот џеб, мислејќи на начинот на кој СПУКМ ги трошел парите во изминатиот период.

„По многуте проблеми кои го мачеа автентичното студентско движење, гласот повторно не е кај оние кои се највеќе засегнати – студентите. Моменталното одлучување е во рацето на Универзитетскиот сенат кој не е загрижен за ставот и мислењето на студентите.Слободно можеме да заклучиме дека слабото студентско организирање и статус квото му одговара на универзитетот, а никако на студентите. Сметаме дека доколку нашиот глас не се чуе онаму каде што треба, никогаш нема да се одговори на нашите потреби и вечно ќе бидеме под камшикот на лошото студентско владеење!“, велат од Пленумот.