[Став] Волонтерството не е бесплатна работа сила, туку сила што креира и развива

Мобилизацијата на граѓанскиот сектор е позитивна мерка за поттикнување општествени промени. Ако земеме предвид дека граѓанскиот активизам започнува со волонтирање, можеме да кажеме дека волонтирањето се смета за една од клучните одреници за развиено граѓанско општество и е неопходно младите да го разберат и да го втемелат истото како индивидуална вредност прку која го изградуваат сопственото чувство на одговорност за заедницата. Волонтирањето треба да биде начин на стекнување искуство, да се работи за доброто на заедницата (филантропска компонента), а истовремено да се развиваат вештините и постојано да се усвојуваат нови. Заради големиот степен на невработеност во Македонија, се создаде погрешна слика за волонтерството. Голем број на институциии и фирми во Македонија го користат волонтирањето како замена за работно место, што е сосем погрешен пристап и практикување на истото. Добро осмислената волонтерска програма на организациите треба да ги мотивира волонтерите и тие да се чувствуваат исполенти и задоволни од својата работа.

Пред повеќе од една деценија кога се активирав во граѓанскиот сектор, мотивот според кој се водев беше како јас – млада волонтерка од Битола, можам да го искористам своето слободно време, знаења и вештини, да го направам своето опкружување подобро за себе, но и за луѓето околу мене. Но, волонтерството не го подразбираше само моето ангажирање во слободното време, туку моето активно вклучување во општествениот живот, мое надоградување преку проекти, активности, волонтерски акции кои ги координирав, многу обуки, семинари, тренинзи, работилници преку кои стекнав многу нови знаења, вештини и способности. Ова мое волонтерско искуство во Младински културен центар – Битола беше препознато како квалитетно и успешно и денес ми овозможи да станам дел од самиот тим на организацијата во која го остварив својот волонтерски „стаж“, да станам младински работник, лидер, тренер, обучувач, но и ментор на младите волонтери кои треба да бидат носители на прогресот во општеството.

Младински културен центар – Битола е организација што е долгорочно посветена на развојот на волонтерството во Македонија. Секој 5-ти декември луѓето од цел свет без разлика на нивната возраст, раса и култура го слават волонтирањето, се потсетуваат на суштината на волонтерската работа и си оддаваат признанија. МКЦ – Битола (Волонтерски центар на Македонија) по повод 5-ти декември „Меѓународниот ден на волонтерите“, од 2006та година востанови Национални волонтерски награди во Република Македонија што секоја година се доделуваат на успешни волонтери или волонтерски иницијативи.

Идејата спред која се води МКЦ – Битола во развивањето на волонтерството „Волонтерството не е само бесплатна работа, волонтерството е сила што креира и развива“, произведе голем број на проекти преку кои се постигнаа одлични резултати. Културата на волонтирање, во последните години е намалена, но намалени се и фондовите за финансирање на волонтерските програми на организациите. Поради оваа причина, голем број на организации се соочени со прибирање на средства за успешно работење на своите програми и се фокусира во проектно работење и прилагодување на своите активности кон барањата на донаторот и по завршувањето на проектот, ентузијазмот замира и не се гледаат подолгорочни резултати. Тимот на МКЦ – Битола, иако се соочува со недостиг на средства за програмата за волонтирање, во сите активности и проекти го вметнува волонтерството како додадена вредност.

Во 2014та година, тим на експерти од МКЦ – Битола и претставници на Општина Битола и други граѓански организации преку партиципативен и консултативен процес во кој беа вклучени сите засегнати страни, ја креираа „Стратегијата за развој на волонтерството во Општина Битола 2015 – 2018“. Локалната волонтерска стратегија на општина Битола претставува функционален институционален механизам за стимулирање волонтерски активности на локално ниво и поддршка на волонтерските организации да дејствуваат како посредници помеѓу граѓаните (волонтери) и можностите за волонтирање во локалната заедница. Стратегијата претставува основа за создавање на клима за признавање на волонтерите и волонтерската работа како неопходни за развојот на општеството и локалната заедница, но и за личен развој на волонтерите – стекнување нови вештини за подобро прилагодување на пазарот на труд, социјална инклузија и себереализација. Во самата стратегија се укажува на потребата од воспоставување на институционален механизам за младинското учество во работата на локалната самоуправа во однос на волонтерството, односно креирање на меѓусекторско тело како репрезентативна, отворена и водена од млади структура, одговорна за имплементација на локалната стратегија за волонтерство и промоција на волонтерските политики и програми на локално ниво.

Иако Законот за волонтерство (2007) го признава волонтерството како активност од интерес за Македонија, денес, волонтерството не е доволно практикувано од младите и не е развиено на задоволително ниво на начин на кој ќе се стекне со значење во локалните заедници. Изминативе години во полето на волонтерството немавме комуникација со Агенцијата за млади и спорт (AМС), но сепак постои потреба од вклучување на државни институции како што е АМС да ги поддржи волонтерските центри и волонтерските програми преку посебни фондови со цел да се промовира, стимулира и поддржи волонтерството кое истовремено ќе служи како модел за институционална поддршка на активно учество на младите на локално ниво. Граѓанските организации треба да имаат поинтензивна комуникација со АМС и поактивно да се промовираат кај граѓаните, особено кај младите и со своите атрактивни волонтерски програми да ја издигнат културата на волонтирање на највисоко ниво.

Марија Мерковска