[Став] Со уметност против војната

Се викам Тарек. Имам 36 години и доаѓам од Дамаск. Магистер сум по графички дизајн и визуелна комуникација.

Додека живеев во Сирија, работев како професор на Факултетот за ликовни уметности и исто така работев во меѓународна агенција за рекламирање. Во Дамаск живеев со моето семејство во стариот дел од градот, ја имавме едната од најстарите куќи таму – куќата имаше 23 соби и двор од 600m2 со прекрасна фонтана. Имаше многу странци кои живееја во Дамаск или го посетуваа, од разни земји (Велика Британија, САД, Канада итн.) поради разни причини, некои да студираат или да работат, а други за туризам. Многу од странците кои доаѓаа беа љубопитни за нашата куќа и дури и доаѓаа да ја видат, бидејќи како што спомнав, тоа беше една од најстарите куќи во стариот дел од градот и затоа беше многу интересна за туристи. Навистина ми недостига стариот дел од градот во Дамаск. Ако го посетиш, ќе си оставиш дел од срцето таму. Дефинитивно ќе се заљубиш во таа област.

автор: Тарек

Во Сирија многу години волонтирав во христијанскиот Црвен крст (11 години вкупно), па така, кога почна војната, веќе бев волонтер на терен и им помагавме на повредените цивили… Искрено, јас сум доста критичен во поглед на невладините организации во Сирија, има премногу невладини организации, но не прават ништо на терен. И повеќето од нив се контролирани од режимот. Невладините организираа толку многу забави и прослави, но кога имаше некаква експлозија, ги немаше никаде за да помогнат на цивилните лица. Христијанскиот Црвен крст беше една од ретките организации кои беа активни на терен и јас волонтирав во оваа организација бидејќи сакав да работам хуманитарна работа и да помагам. Иако сум роден христијанин, не волонтирав во организацијата поради вера или слично, всушност, јас сум атеист; волонтирав само поради тоа што сакав да работам хуманитарна работа, во тоа се пронајдов во животот. Но последните три години од моето волонтирање беа најтешки поради војната. Имавме задача да евакуираме седум цивилни семејства кои беа повредени. Сѐ беше легално, имавме официјално одобрение од владата и армијата. Заедно со другите волонтери, успеавме да ги евакуираме семејствата, но кога стигнавме до болницата имаше напад од заседа. Некој пријавил дека работиме против режимот. Но ,ние не поддржувавме ниедна страна, бевме вклучени само како волонтери во христијанскиот Црвен крст. Но толку требаше, само една едноставна пријава од кој и да е, беше доволна за некој да биде притворен.

Така поминав четири и пол месеци во затвор. Бевме 114 луѓе во малечка ќелија од 40m2. Беше толку ужасно пренатрупано со луѓе, што кога спиевме, се менувавме на секои 20 минути бидејќи немаше место. Па така, додека едни спиеја на подот 20 минути, остатокот од нас стоеја бидејќи едноставно немаше доволно простор сите да легнеме истовремено… Условите беа ужасни. Заболувавме од секакви инфекции и болести, фативме краста и поради недостатокот на кислород, многу добија и инфекции на белите дробови… Јас изгубив 18 килограми додека бев таму. Не можев ни вода да пијам, повраќав дури и од пиење вода.

Во затворот, ќотекот и измачувањето беа како “добро утро” и “добра ноќ”. Постојано добивавме ќотек и тортура. Условите и животот беа толку ужасни таму, што секој ден умираа по 4-5 луѓе. Чуварите намерно не ги вадеа труповите на умрените од нашата затворска ќелија неколку дена. Кога ќе им побаравме да се погрижат за труповите, тие ни одговараа: “Чекајте, не смрдат доволно”. Тоа беше механизам за измачување.

автор: Тарек

Кога ме пуштија од затвор, решив да си одам од Сирија. Така почна моето патување. Ќе останев во Турција или Грција, успеав да се интегрирам добро во овие две земји исто така. Но проблемот е социјалниот систем таму. Во Турција и Грција ако немаш доволно пари, не можеш да одиш на лекар. Ако немаш доволно пари, ќе умреш од глад. Не постои социјален систем кој се грижи за тебе. Но во Германија, имаш здравствена заштита и нема да гладуваш дури и да имаш мала плата на работа. Ова е една од главните причини зошто решив да барам азил во Германија. Искрено, многу сум независен и не зависам од моето семејство или државата, но со оглед на тоа што дел од моето семејство веќе живееше во Германија и имаа добиено азил, ова беше една од причините зошто решив да одам во Германија. И ова проклето нешто – пасошот – исто така многу влијаеше на мојата одлука. Иронично е тоа што, ако имаш ЕУ пасош, можеш да одиш речиси каде и да е. Но, со сириски пасош, работите се поинакви. Како што објаснив претходно, дел од моето семејство отиде во Германија пред мене, јас сѐ уште живеев во Сирија тогаш. Имав аплицирано три пати во германската амбасада во Сирија за легално да добијам виза, да го видам брат ми, само да го посетам… Три пати ме одбија…

Во текот на моето патување поминав и низ Македонија во 2015. Додека поминувавме низ Македонија со мојата група, бевме принудени да одиме пеш, бидејќи јавниот транспорт не беше легално дозволен за бегалците тогаш. Се сеќавам на едно македонско село, кога се уморивме со мојата група и сакавме да се одмориме на едно поле. Но, дојде еден земјоделец кој беше исплашен и лут и ни рече да се тргнеме од таму. За среќа, зборувам добро англиски, па му објаснив дека не сакаме проблеми, туку сако сакаме малку да се одмориме бидејќи сме многу уморни од сето одење пеш. Човекот се смири и дури и ни донесе дињи наредниот ден. Му понудивме пари за да платиме за дињите, но не сакаше да ги прифати. Тоа беше убав гест од негова страна.

Сега живеам во Берлин и имам добиено азил овде. Работам како графички дизајнер и успеав добро да се интегрирам. Имам многу меѓународни пријатели овде, повеќето од нив се Германци. Но, не беше се толку лесно. Аплицирав 72 пати во 72 различни компании пред да најдам работа. Иако, како што реков, јас сум многу независен, не зависам од никој – уште првиот ден која дојдов, почнав да одам на пракса. По 7 месеци пракса, си најдов работа.

Сѐ уште сликам, ја обожавам уметноста. Омилен уметник ми е Салвадор Дали и како што може да видите, и јас додавам надреални елементи во мојата уметност. Има многу работи кои ме инспирираат да создавам уметност, како бедата, среќата, љубовта, културата (сириската митологија), животните итн. Исто така, додавам и дел од себеси во мојата уметност. Понекогаш, има и атеистички елементи во мојата уметност, бидејќи според мене, начинот на кој религијата е користена за пари и алчност е поврзано со предизвикувањето војни. Па, на некој начин, преку мојата уметност, се обидувам да се борам против факторите кои предизвикуваат војни.

Извор: Легис