[Став] Што ако нафтените компании платат за штетата која ја извршија на климатскиот систем?

Успешни тужби ја чинеа тутунската индустрија стотици милијарди долари. Сега, експерти зборуваат за веројатноста гигантите од нафтената и електричната индустрија да ја имаат истата судбина.

Кога градовите Сан Франциско и Окленд тужеа пет од најголемите нафтени компании во светот на крајот на септември бидејќи радикално ја менуваат климата на Земјата, ги подигаат нивоата на морето и предизвикуваат милијарди долари да се потрошат за потенцијална контрола на штетата во секој град, беше тешко да се каже колку сериозно ќе се сфати таа закана. Дали тужбата е само политички театар смислен да ги засрами боговите на фосилните горива, или навистина да привлече легална промена?

Ризиците се зачудувачки огромни. Цената одново да се изгради оштетената инфраструктура од ураганите Харви и Ирма – катастрофи за кои многу научници се согласни дека се подеструктивни поради климатските промени – може да надминат 190 милијарди долари во САД. А, Порторико се најде во хуманитарна криза вредна 72 милијарди долари предизвикана од ураганот Марија. Сан Франциско и Окланд сега припаѓаат на растечки бран на тужители кои ги обвинуваат големите компании како Exxon, Chevron, Shell, British Petrol и ConocoPhillips, треба кривично да одговараат за овие штети, како и за идните штети кои индустријата ги остава на светот.

Ниту една тужба од овој тип досега не успеала. Правните барања се прекомплицирани. Индустријата на фосилни горива е премногу силна. Политичките лидери како Доналд Трамп не ни признаваат дека климатските промени постојат. Овој јуни, Exxon ја опиша истрагата на главниот обвинител на Њујорк како „политички лов на вештерки“.

Сепак, некои истражувачи сметаат дека може да се направи голема промена. Тие веруваат дека има нови и моќни стратегии за тужење на нафтените компании кои треба да се разгледаат. Државните судови на САД може да усвојат легислатива која ќе ги натера нафтените компании да бидат правно одговорни за атмосферскиот хаос предизвикан од нивниот профит-модел. Или, може да чекаат нафтена компанија да изгуби правна битка во странска држава и да ја спроведе пресудата и во САД.

„Судска постапка не може да ја реши климатската криза“, вели Мајкл Баерс, истражувач на интернационалното право на Универзитетот на Британска Колумбија и ко-автор на неодамнешна статија во Вашингтон дневникот на еколошко право и политика, која ги опишува потенцијалните сценарија.

„Но, ќе додаде уште еден извор на притисок кој ќе изврши штета – и економска и репутациска, на овие големи нафтени компании“.

Ако овие нафтени компании бидат обвинети, би требало да платат милијарди долари. Само Exxon се одговорни за 19,6 милијарди долари поради климатските штети во 2010 година, според истражување на Баерс. Според таа проценка, до 2030 година таа штета би достигнала 138,6 милијарди. Позитивната пресуда за тужителите може да помогне големите компании да банкротираат, да се забрза растот на конкурентите кои произведуваат енергија со помала стапка на загадување и да се отстрани огромен избор на глобалните емисии – нешта кои може значително да ни помогнат кога станува збор за климатските промени.

„Може да биде и факторот кој ги поттикнува нафтените компании во сериозна транзиција кон обновливите енергетски извори“, вели Баерс. Додава дека тоа би ги натерало „извршните директори да ги реевалуираат нивните бизнис планови“.

VICE контактирале со неколкумина експерти во еколошко право, за да ја проценат можноста за нешто такво да се случи. Иако некои од нив имаат дилеми за темпото и размерот на промените опишани во статијата на Баерс, немаат проблем со основните претпоставки. Финансиските трошоци на природните катастрофи растат. Науката која ги поврзува со климатските промени се подобрува. Климатските тужби се зголемуваат. А можноста за правна пресуда се подобрува секој ден.

Но да се тужи нафтена компанија е многу тешко. На пример, се обидувате да натерате Exxon да плати за штетите предизвикани од ураганот Харви. Прво, треба да го убедите судијата дека уништувањето на Харви е зголемоено поради растечките глобални температури. Ако воопшто успеете да го натерате судијата да размисли за случајот. Потоа, ќе треба да докажете дека токму Exxon, а не сите емитери на стакленички гасови во светот, е правно одговорен за уништувањето на ураганот.

„Во САД во моментов има многу легални пречки“, вели Баерс. „Не е јасно дали таков случај би успеал“.

Но, истото го велеа и за тутунската индустрија. Со години овие компании ја негираа врската меѓу пушењето и ракот. Било кој кој сакаше да ги тужи требаше да се соочи со комплицирани правни барања. Сето тоа се промени кога Флорида го воведе Законот за одговорност на трета страна во 1995 година, со што стана дозволено држава да побара милијарди долари за штети за јавно здравство поради цигарите.

„Се расчистија повеќето од пречките за тужење на тутунските компании“, рече Баерс. Следуваа и другите држави. На крајот на 1998 година, четирите најголеми производители на тутунски прозводи се согласија да исплатат 240 милијарди долари во спогодба. „Сфатија дека веќе не можат да кријат“, вели тој.

За Баерс, лекцијата е јасна.

„Доколку е невозможно или тешко да се одговара за штетата по климата, тогаш треба да се промени законот“, нагласуваат тој и неговите двајца ко-автори во статијата.

Некои експерти се согласуваат, некои се скептични. Флорида не успеа да ги порази големите компании за цигари сама. Огромните парични спогодби беа можни дури откако „Конгресот истапуи и создаде федерална легислатива да се справи со проблемот“, вели Мајкл Бургер, извршен директор на Центарот за закони за климатски промени на Универзитетот Колумбија.

Затоа, набљудувачи како Мајкл Робинсон-Дорн одблизу ја следат тужбата против големите нафтени компании на Окленд и Сан Франциско поднесена минатиот месец. Новите научни проценки велат дека Exxon, Chevron и British Petrol предизвикале повеќе од шест проценти од порастот во глобалните нивоа на водите во текот на изминатиот век.

„Како што продолжува собирањето на информации, многу е очигледен процентот на придонес кој тие нафтени компании го додадоа на овој проблем“ , вели Робинсон-Дорн, извршен директор на Центарот за еколошко право на Универзитетот на Калифорнија-Ирвин.

Правниците кои го водат спорот против компаниите во Калифорнија велат дека не се работи само за обид да се поттикне политичка дебата, туку дека се борат да победат.

„Таа тужба не ја сметам за театар. Сите точки се поврзуваат во право време“, вели Робинсон-Дорн.

Доколку тужбата успее, за што има мали шанси, многу ќе го промени американскиот правен пејзаж. Може да ги натера Exxon, Chevron и ConocoPhillips да одговараат за штета од 340 милијарди штета до 2030 година, со што нивната индустрија или ќе биде осиромашена, или ќе се затвори, или ќе почне да произведува чиста енергија. Било кој исход може да ја забави планетарната катастрофа. Робинсон-Дорн мисли дека не е прашање дали тужбите ќе се движат во овој правец, туку прашањето е кога.

„Овие тужби ќе извршат промена“, вели тој.

Пишува Џеф Дембицки за Вајс Канада